Од Фондот за здравствено осигурување информираат дека лекови на рецепт може да се подигнат во аптеките со идентификување со лична карта или пасош. Доколку некој не е во можност сам да го подигне лекот, истото може да го стори друго лице, но повторно со прикажување документ за идентификација. Ова го соопштија од Фондот еден ден по изјавата на министерот Филипче во врска со квотите на лековите и рецептите во туристичките места.
Појаснувањето на министерот доаѓа по неговата вчерашна изјава дека од аптека лекот ќе може да го подигне лично оној на кого е препишан, а дека се работи и на решение за оние што не се во состојба сами да ги подигнат лековите.Мерката почна да функционира од денеска, а фармацевтите велат дека ќе има ефект само ако не биде ограничена на одреден временски период.
Од опозицијата, пак, обвинија дека и ова е мерка за дефокусирање на јавноста од скандалот „Рекет“.
Од денеска нема квоти за лекови во туристичките места, односно во Охрид, Струга, Ресен, Гевгелија и Дојран. За останатите граѓани во земјата, оваа мерка почнува да важи од септември или октомври.