Лајчак: Белград и Приштина до крајот на годинава да почнат да го спроведуваат договорот за нормализација

Процесот на имплементација на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, мора да почне оваа година, бидејќи во спротивно може да се изгубат повеќегодишните напори, изјави специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Тој во интервју за ТАСР вчерашните преговори меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти ги оцени како тешки.

„Курти инсистира на документ кој де факто започнува со признавањето на Косово од страна на Белград и дури потоа да го направи својот дел, што се разбира не е реален начин за напредување“, објасни Лајчак.

Тој посочи дека во овој момент не е потребно да се фокусира на понатамошни преговори со Белград и Приштина, туку да започне серија консултации со земјите членки на ЕУ, Британија и САД, за што ќе ја искористи и септемвриската сесија на ОН  со цел да се постигне единствен и координиран одговор на меѓународната заедница на односите меѓу Белград и Приштина.

Лајчак посочи дека е од суштинско значење оваа година да започне имплементацијата на договорот за нормализација на односите, а доколку процесот може да се постави и започне, ќе продолжи и следната година.

„Доколку овие суштински одлуки не се донесат до крајот на годината, се плашам дека политичкиот календар во Европа и САД ќе биде таков што ќе ја турнат оваа агенда во втор план. Убеден сум дека Охридскиот договор е најдобриот документ. Двете страни го прифатија и би било штета да пропадне“, истакна Лајчак.

Тој оцени дека процесот на нормализирање на односите достигнал „пресвртница“ откако двете страни во февруари и март во Охрид се договориле за суштинските документи кои водат до нормализација на меѓусебните односи.

„Сепак, реалното спроведување на договорот не започна за шест месеци. Двете страни имаат огромен степен на недоверба една кон друга. Велат, дај ми го тоа што го заслужувам и потоа ќе го направам тоа што е потребно“, ја опиша ситуацијата Лајчак.

Тој додаде дека тоа не функционира така и затоа ЕУ претставила предлог од седум точки што им овозможува на двете страни да одат паралелно.