Лајчак вели без формирање на Заедница на српски општини нема договор

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека ја завршил втората средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и оти подготовките за средбата меѓу двете страни во сабота на 18 март во Охрид ќе се финализираат.

„Ја завршив втората средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за да го слушнам неговото мислење за планот за имплементација и натамошното движење кон европскиот договор. Добив повратна информација од двете страни и сега ќе ги финализираме подготовките за средбата во Охрид во сабота на 18 март“, напиша Лајчак на Твитер.

Тој вчера од Приштина допатува во дводневна посета на Белград, каде се сретна со Вучиќ и со претставници на проевропската опозиција.

Вучиќ му рекол на Лајчак дека формирањето на ЗСО е предуслов за нормализација на односите, како и за безбедност и заштита на правата на српскиот народ на Косово.

Лајчак денеска за РТС изјави дека ЗСО мора да се формира и подвлече дека „ако нема ЗСО, нема договор“.

Утре во Белград доаѓа и американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој, како што беше претходно најавено, ќе се сретне со Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.

Стејт департментот соопшти дека САД целосно го поддржуваат дијалогот меѓу Белград и Приштина со помош на Европската унија и дека Ескобар патува во регионот за да го поддржи тој процес.

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави оти очекува на средбата во Охрид да биде постигнат догвор.