Ла Лига: Атлетик го доби баскиското дерби, Реал сигурен кај Леганес

Во дербито на Баскија, фудбалерите на Атлетик Билбао го победија Реал Сосиедад со 1:0 на „Сан Мамес“, а тоа беше последниот натпревар од 14. коло во шпанското првенство.

Стрелец на победничкиот гол беше Оихан Сансет во 26. минута. Со својата шеста победа сезонава, Атлетик скокна на петтото место со 23 бода, со што Осасуна е на шестото место. Реал Сосиедад остана на 10. позиција со 18 бодови.

Во мадридското предградие Леганес, фудбалерите на Реал го победија истоимениот домашен тим со 3:0 (1:0) и со овие три бода се вратија на второто место во Ла Лига.

Килијан Мбапе го отвори резултатот за домашниот тим во 43. минута, а победата на Реал подоцна ја потврдија Федерико Валверде во 66. и Џуд Белингем во 85. минута.

Реал со деветтата сезонска победа стигна до 30 бода и повторно го зазеде второто место кое накратко го одзеде градскиот ривал Атлетико со 29 бодови. Лидерот Барселона има 34 бодови, но и натпревар повеќе од Реал Мадрид.

Фудбалерите на Севиља го победија домаќинот Рајо Ваљекано со 1:0 (1:0). Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Џибрил Соу во 27. минута. Гостите од Мадрид целото второ полувреме го одиграа со играч помалку, бидејќи на крајот на првото полувреме поради остар старт беше исклучен Унаи Лопез.

Севиља со победата стигна до 18 бода и го прескокна Рајо Ваљекано. Тимот од Андалузија сега е на 12. место, а Рајо е на 13. позиција со 16 бодови.

Осасуна му беше домаќин на Виљареал, но тимот од Памплона освои само бод со ремито 2:2 откако имаше два гола предност. Хрватскиот репрезентативец Анте Будимир го постигна првиот гол во 8. минута, кога одлично го реазлизираше центаршутот на Рубен Гарсија и од седум метри со глава ја испрати топката во мрежата. Во 20. минута Будимир сигурно изведе пенал, досуден за прекршок над него и со својот осми гол сезонава во Ла Лига ѝ донесе два гола предност на Осасуна.

Виљареал ја презеде контролата над поседот во вториот дел и создаваше шанси. Гостите успеаја да ја намалат негативата со голот на Алекс Баена во 67. минута, а во третата минута од судиското продолжение Жерар Морено од пенал ги постави конечните 2:2.

Виљареал остана на четвртото место со 25 бодови од 13 настапи, а Осасуна е на петтата позиција со 22 бода.