Фудбалерите на Атлетико Мадрид остварија нова домашна победа во шпанската Ла Лига, совладувајќи го Рајо Ваљекано со 2:1 во заостанатиот натпревар од 20-то коло.
Првите два гола беа постигнати на крајот од првото полувреме. Атлетико поведе во 35. минута кога по прекин Реинилдо со глава погоди за 1:0. Во 42. минута гостите израмнија, а од 15 метри Алваро Гарсија со одличен силен удар ја проби домашната мрежа. Во 81. минута Мемфис Депај погоди за 2:1 Атлетико, но голот беше поништен по проверка на ВАР и офсајд позицијае. Но, во 90. минута, истиот играч повторно погоди, овојпат регуларен гол по асистенција на Гризман, за домашно славје од 2:1.
Атлетико ја продолжи одличната серија во домашното првенство. На дванаесет натпревари оваа сезона, Атлетико забележа 11 победи и само едно реми пред своите гледачи.
Атлетико се врати на третото место на табелата, а исто толку бодови има и четвртата Барселона. Жирона има уште осум бода повеќе, а Реал Мадрид седум со меч помалку. Рајо Ваљекано остана на 13-то место од табелата.
Претходно во средата фудбалерите на Барселона како домаќини ја победија Осасуна со 1:0. Многу тешко Барселона ги освои домашните бодови кои ги обезбеди Витор Роке со гол во 63. минута. Одлична асистенција испрати Жоао Кансело, кој додаде со надворешната страна од копачката, а Роке Жуниор со глава реализираше за три бода за својот тим. Само четири минути подоцна шансите на гостите дополнително се намалија откако Унаи Гарсија доби втор жолт картон, а Барселона до крајот го одржуваше минималното водство.
Хетафе и Реал Мадрид во четврток ќе го одиграат последниот заостанат натпревар од ова коло.