Во последниот саботен натпревар од петтото коло на шпанскотоп фудбалско првенство Барселона пред своите навивачи со 5:0 го совлада Реал Бетис.
Носена од разиграните и мотивирани португалски дебитанти Жоао Феликс и Жоао Кансело, Барас ја оствари четвртата последователна победа во Ла Лига и, барем привремено, го презема водството на табелата. Сега има 13 бодови, бод повеќе од Реал Мадрид кој има и меч помалку. Бетис остана на седум бодови со кои моментално е на деветтото место.
Жоа Феликс, кој игра како позајмен играч од Атлетико Мадрид го отвори резултатот во 25 минута, а во 32 позиционо одигра одлично овозможувајќи му на Роберт Левандовски да избие само пред гостинскиот голман и да зголеми на 2:0.
По враќањето од соблекувалната Каталонците го зголемија водството во 61 минута преку слободниот удар кој го изведе Феран Торес, а Рафиња беше прецизен во 66 минута. Голот на Бетис висеше во воздухот и во продолжението, но до крајот се затресе само уште еднаш, кога во 81 минута погоди Жоао Кансело кој, исто така, како позајмен стаса во последните минути од предониот рок од Манчестер Сити.
Претходно во саботата Атлетик дома во Билбао со 3:0 беше убедлив во дуелот со Кадиз. Стрелци за Баските беа Горка Гурузета во 66, Асиер Виљалибре во 68 и Ињаки Вилијамс во 90 минута.
Атлетик Билбао моментално е трет на табелата со 10 бодови, а Кадиз остана на седум бодови и е на осмото место.
Валенсија со истиот резултат го егзекутираше дома Атлетико Мадрид. Уго Дуро беше двапати прецизен, во 5 и 34 минута, аво 54 минута погоди и Хави Куера.
Валенсија со девет бодови е петта, а Атлетико Мадрид со седум бодови моментално е седми на табелата.
Мајорка со голот на Ведат Муриќи во 85 минута оствари гостинска победа кај Селта Виго и сега екипите ги сменија местата на табелата. Мајорка е 13-та со пет а Селта е 14-со четири бодови.
Во петокот Рајо Ваљекано со 2:0 го победи дома Алавес. Стрелци беа Иси Палазон од пенал во 43 и Хорхе де Фрутос во 83 минута. Рајо е шести со девет бодови, а Алавес 12-ти со шест бодови.