Трет лигашки натпревар по ред фудбалерите на Барселона останаа без победа, во 15. коло од Ла Лига, Лас Палмас го шокираше водечкиот тим на табелата и победи со 2:1 на гостински терен.
Барселона на тој начин остана со четири бода предност пред второпласираниот Реал Мадрид, кој има два натпревара помалку. Лас Палмас се искачи на 14. место на табелата. Пред овој пораз Барселона беше поразена кај Реал Сосиедад и ремизираше во Виго против Селта.
Во првото полувреме немаше голови, а најблиску до гол домашните беа кога Рафиња ја погоди гредата. Во продолжението Барселона постојано притискаше, но секогаш кога гостите тргнуваа во напад, тоа беше опасност за домаќините.
Лас Палмас поведе во 49. минута кога Сандро Рамирез многу прецизно погои откосо. Барселона израмни со голот на Рафиња во 61. минута, кога погоди од 18 метри, но само шест минути подоцна Барселона повторно се најде во негатива. Контрата и голот на Фабио Силва доведе до 2:1 за Лас Палмас.
До крајот Барселона напаѓаше и се закануваше, но не успеа да дојде до ниту еден бод пред своите навивачи.
Во недела за бодови ќе се борат Виљареал – Жирона, Реал Мадрид – Хетафе, Рајо Ваљекано – Атлетик и Реал Сосиедад – Бетис. Во понеделник последниот натпревар од колото ќе го одиграат Севиља – Осасуна.