Барселона на како домаќин на Олимпискиот стадион го декласираше Еспањол со 3:1 во градското дерби од 12. коло на Примера и се зацврсти на лидерската позиција на табелата.
Барселона славеше благодарение на двојниот стрелец Дани Олмо во неговиот прв натпревар како стартер по повредата на бутот во средината на септември. Шпанскиот репрезентативец погоди во 12. и 31. минута, додека вториот гол го постигна Бразилецот Рафиња во 23. минута. Со предност од три гола на паузата, играчите на Ханси Флик малку се опуштија, а на Еспањол му беа поништени два гола поради офсајд позиција, пред Хави Пуадо конечно да постигне гол во 63. минута
Барса води со 33 бода и е девет пред големиот ривал Реал Мадрид, чиј натпревар во Валенсија беше одложен поради смртоносните поплави што го погодија регионот оваа недела.
Претходно во неделата Атлетико со победата дојде до третото место, откако на својот терен во Мадрид го победи Лас Палмас со 2:0. Синот на тренерот на Атлетико, Џулијано Симеоне во 37. минута ги доведе „колчонеросите“ во водство, а победата ја потврди Норвежанецот Алекс Сорлот во 84 минута.
Атлетико е трет со 23 бода, десет помалку од лидерот Барселона и бод помалку од второпласираниот Реал, додека Лас Палмас е во зоната за испаѓање, 18-ти со 9 бодови.
Во последниот натпревар од неделаната програма Атлетик и Бетис одиграа 1:1 во Билбао. Гостите поведоа преку Пабло Форналс во 53., а бод на Баскијците им донесе Алехандро Беренгер со погодокот пет минути подоцна.
Билбао е шести со 19 бодови, исто толку колку и Бетис на седмото место.
Претходно фудбалерите на Реал Сосиедад ја победија Севиља на гости со 2:0. Головите за Сосиедад ги постигнаа Јапонецот Такефуса Кубо во 34. минута и Микел Ојарзабал во 68. минута од пенал. Двата тима имаат по 15 бода, баскискиот тим е на 10-то место, а Севиља е на 12-то место.