Ла Лига: Бетис без гол и против Алавес, само бод за Реал кај Рајо

Фудбалерите на Бетис не успеаја да постигнат гол пред своите гледачи ниту против Алавес во натпреварот од 25. коло на шпанскиот шампионат, но овојпат тоа барем им донесе бод, бидејќи и тие ја сочуваа сопствената мрежа.

Бетис имаше поголем посед на топката од Алавес, но тимовите имаа еднаков број шутеви, како севкупни (13-12) така и оние кои одеа во рамките (2-3). Бетис остана на седмата позиција со 39 бодови, а Алавес на 12-то место со 28 бодови.

Фудбалерите на Реал Сосиедад ги освоија сите три бода на гостувањето кај Мајорка совладувајќи ја домашната екипа со 2:1. Натпреварот започна одлично за Мајорка, бидејќи Антонио Санчез го постигна водечкиот гол во 4. минута. Гостите од Баскија успеаја да израмнат во 38. минута, а стрелец беше Јапонецот Такефуса Кубо. Мајорка вториот дел го играше со играч помалку, бидејќи на крајот од првото полувреме судијата Фуертес му покажа два жолти картонаи на домашниот капитен Антонио Раиљо, поради неспортско однесување. Бројчаната предност гостите ја искористија дури во самиот финиш на натпреварот, во третата минута од додаденото време, а стрелец за конечните 2:1 беше Микел Мерино.

Реал Сосиедад со десеттата првенствена победа стигна до 40 бода и привремено скокна на шестото место. Мајорка е на 16-та позиција со 23 бода, шест бода над зоната за испаѓање.

Фудбалерите на Гранада и Алмерија одиграа натпревар без победник, а конечниот резултат на дуелот на стадионот „Нуево Лос Карменес“ гласеше 1:1. Гостинскиот тим, единствениот сѐ уште без победа сезонава, поведе во 9. минута со голот на Марко Пубиљо. Гранада израмни во 75. минута, а погоди поранешниот играч на Локомотива Загреб, Мирто Узуни.

Гранада остана претпоследна 19-та со 14 бодови, а Алмерија е убедливо последна со осум бодови.

Водечкиот тим во шпанското фудбалско првенство Реал Мадрид одигра само 1:1 на гостувањето кај Рајо Ваљекано во натпреварот од 25. коло на Ла Лига. „Кралскиот клуб“ поведе веќе во 3. минута со голот на Хоселу, кој беше признат по прегледувањето на ситуацијата во ВАР-собата. На ист начин беше досуден и пенал за Рајо Ваљекано, поради играњето со рака на Едуардо Камавинга во својот шеснаесетник, а прецизен од белата точка беше Раул де Томас во 27. минута за конечните 1:1.

Гостите го завршија натпреварот со десет играчи, бидејќи Дани Карвахал заработи два жолти картони во судиското продолжение; првиот поради приговори, а вториот поради невнимателен старт.

Ова беше петто реми за Реал во првенството и сега има 62 бода, шест повеќе од второпласираната Жирона, која во понеделник (21 ч.) ќе му гостува на Атлетик во Билбао. Рајо Ваљекано освои исто толку бодови на 25 натпревари и се наоѓа на 14-та позиција.