
Во средбата од петтото коло од шпанското фудбалско првенство Реал Мадрид на својот стадион „Сантијаго Бернабеу“ ја победи Мајорка со 4:1.
Ова е седмата победа на Реал Мадрид во седумте одиграни натпревари од почетокот на новата сезона, од кои пет во шпанското првенство и по една во европскиот Суперкуп и во Лигата на шампионите.
Овојпат Реал славеше со пресврт, откако Мајорка поведе во 35 минута со голот на Ведат Муричи на асистенција од Ли Канг-ин, но Реал израмни во последните моменти од првото полувреме кога Федерико Валверде одлично погоди од работ на шеснаесетникот.
Мадридските „Кралеви“ во првиот дел имаа посед на топката од 72 отсто, упатија 15 удари кон голот на противникот а гостите само три, но резултатот на полувремето гласеше 1:1.
Реал сепак работите ги постави на своето место во 72 минута, а стрелец за водството од 2:1 беше Винициус Жуниор. Сите дилеми околу победникот ги разреши Родриго во 89 минута, додека конечните 4:1 ги постави Антониот Рудигер во третата минута од судиското продолжение на натпреварот.
Реал води на табелата со максималните 15 бодови, два повеќе од втората Барселона, додека следат Вилјареал и Атлетико Мадрид со по 10 бодови. Мајорка со пет бодови е 13-та.
Претходно во неделната програма Севилја на гости со 3:2 го совлада Еспањол, најавувајќи излегување од кризата, откако во претходните два натпревара дома беше поразена со 0:3 од Барселона во Примера и со 0:4 од Манчестер Сити во Лигата на шампионите.
Гостите поведоа уште во првата минута со голот на Ерик Ламела, а водството до 3:0 го донесе Хозе Анхел Кармона со погодоците во 26 и 45 минута. Хозели од пенал ги врати надежите на домашните во четвртата минута од судиското продолжение на првиот дел кога реализираше пенал. Мартин Бретвајт во 62 минута ги подгреа надежите на Еспањол дека може да остане непоразен пред своите навивачи, а тие се зголемија во 84 минута кога беше исклучен стрелецот Ламела. Сепак, Севилја успеа да се одбрани.
Сега Еспањол и Севилја со по четири бодови се на 15-от односно 16-то место на табелата.
Во недела уште играат Елче – Атлетико Билбао, Хетафе – Реал Сосиедад, Реал Бетис – Вилјареал, а колото во понеделник го заокружува дуелот Алмерија – Осасуна.