Ламела ја напушти Севиља

Поранешниот аргентински фудбалски репрезентативец 32-годишниот Ерик Ламела по три години ги напушти редовите на шпанскиот прволигаш Севиља.

Ламела пристигна во Севиља во 2021 година од лондонски Тотенхем и постигна 16 гола на 92 настапи за клубот од Андалузија.

„Како и сите збогувања, во моментов е малку тажно, но како голем професионалец разбирам дека ваквите моменти доаѓаат и циклусите завршуваат“, рече Ламела во видеото објавено на клупската веб-страница.

„Кога ја освоивме Лигата на Европа, тоа е она што го стави овој клуб во моето срце. Никогаш нема да го заборавам“, додаде тој.

Ламела помина осум сезони во Тотенхем, а го носеше и дресот на Рома и Ривер Плата. За аргентинската репрезентација забележа 25 настапи и постигна три гола.