Лани 317 лица биле следени и им се снимале телефонските разговори

Вкупно 317 лица, опфатени со 95 случаи во кои имало сомневање за криминал, биле следени по барање на јавен обвинител во 2018 година, кога посебни истражни мерки (ПИ-мерки) биле применети во 551 случај на кривично дело. Toa го содржи извештајот на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за примената на ПИ-мерки во текот на минатата година, кој в понеделник ќе го разгледува собраниската Комисија за надзор на следењето на комуникациите.

Како што се наведува, nајзастапената мерка „следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во 2017 година е применета во вкупно 43 случаи, против 194 лица со утврден идентитет и во 58 предмети. Во 10 случаи примената на мерката траела до еден месец, во два случаи до два месеца, во 10 случаи до три месеца, во 13 случаи до шест месеци, во четири случаи до девет месеци и во четири случаи над девет месеци. Како резултат на доказите прибавени од примената на посебните истражни мерки во шест случаи против 47 лица се донесени наредби за спроведување на истражна постапка, по што за девет лица наредбата за спроведувње на истражна постапка е отстапена на друго основно јавно обвинителство, за 14 лица е запрена истражната постапка бидејќи не се обезбедени доволно докази, за две лица истражната постапка е прекината, со тројца се склучени спогодби во текот на истражната постапка, против 12 лица се поднесени обвинителни акти и за 12 лица се донесени пресуди врз основа на признание на вина.

Забележително е, како што се наведува во Извештајот, дека примената на ПИ-мерките во текот на 2018 година има тренд на зголемување во однос на 2017 година, и тоа за 34 проценти кај бројот на случаите и 9,7 отсто кај бројот на лица кои биле опфатени.

„Јавното обвинителство е рестриктивно во барањата и примена на ПИ-мерки заради заштита на основните човекови слободи и права, а особено правото на приватност. Мерките се бараат и применуваат само во ситуации во кои доказни средства, определни во Законот за кривичната постапка, нема да биде возможно обезбедување податоци и докази за успешно водење на кривичната постапка“, се посочува во Извештајот, што обвинителот Јовески в понеделник треба да го образложи пред Надзорната комисија во парламентот, на чие чело е поранешниот технички премиер Емил Димитриев.