Бројот на умрени лица од насилна смрт во 2020 година е намален за 3,5 проценти во однос на претходната година и изнесува 438 умрени лица. Умрените од насилна смрт во вкупниот морталитет во државата учествуваат со 1,7 отсто, а во структурата според полот, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, и тоа 72,8 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Најголемо учество во вкупниот број случаи на насилна смрт, имаат несреќните случаи со 70,5 отсто, самоубиствата со 24 отсто и убиствата со 5,5 отсто.
Во категоријата несреќни случаи на прво место се умрените лица од „други надворешни причини“ за случајна повреда, со учество од 43,2 отсто во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.
Кај категоријата самоубиства на прво место се случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација со учество од 16,7 отсто во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.
Во категоријата убиства на прво место се случаите кај кои смртта настапила поради обид за нанесување телесна повреда на неозначен начин со 3 отсто во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.