Лани регистрирани 50 случаи на ХИВ/СИДА, просечната возраст е 35 години

Според резултатите од последното истражување од 2018 година, кај мажите кои имаат секс со мажи во Скопје, проценетата преваленца е 5,4 отсто, што значи дека во Македонија за прв пат се регистрира концентрирана епидемија кај одредена популациона група.

Ова е наведено во последниот годишен извештај на Институтот за јавно здравје за спроведени активности согласно програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, кој го изработиле прим. д-р Жарко Караџовски, стручниот соработник Газменд Исмани и Живадинка Цветановска, спец. за микробиолошка дијагностика.

Во документот е наведено дека во 2023 година, пристигнати се пријави за 50 новорегистрирани лица на ХИВ/СИДА во Македонија. Бројот на случаи во 2023 година е поголем за 0,8 отсто споредено со 2022 година, кога биле регистрирани 42 случаи.

„Во споредба со просекот од претходниот десетгодишен период (2013-2022), се регистрира зголемување од 22 отсто“, пишува во извештајот.

Во 2023 година, од регистрираните случаи, 46 се од машки пол, а 4 од женски пол. Како што се наведува, просечната возраст на новите случаи е 35 години. 74 отсто од случаите се на возраст од 20 до 39 години.

„Од случаите во 2023 година, најголем дел се со место на живеење во Скопје, а во Струмица се регистрирани 4 случаи. Останатите случаи се регистрираат како спорадични случаи во 18 други градови. Во 2023 година, регистрирани се 3 смртни случаи поврзани со СИДА, од кои еден е кај лице пријавено во 2022 година“, пишува во документот.

Во извештајот е наведено дека од 1987 до крај на 2023 година, се регистрирани 636 случаи на ХИВ/СИДА. Но, во последните години се бележи нагорен тренд, така што 37 отсто од сите случаи се регистрирани во последните пет години.

„Со воведувањето на антиретровирусната терапија, преживувањето на лицата кои живеат со ХИВ е значително подобрено, во последните 10 години од 439 регистрирани случаи регистрирани се 39 смртни случаи што претставува стапка на смртност од 8,9 отсто“, наведено е во годишниот извештај.

Според начинот на трансмисија, најголем број од случаите (60,5 отсто) се кај мажи кои имале секс со маж, хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран кај 210 случаи, лица кои инјектираат дроги учествуваат со 1,9 отсто, а по 6 случаи (0,9 отсто) се регистрирани кај лица со хемофилија (последниот пред 18 години) и вертикален пренос од мајка на дете.

„Епидемиолошките податоци укажуваат на тренд на покачување во бројот на новодијагностицирани случаи со ХИВ. Загрижува фактот дека јавните здравствени установи (ИЈЗ, ЦЈЗ) беа исклучени од програмските активности и едукативни активности. Иако предвидените цели со годишната програма за заштита на населението од ХИВ во 2023 година се со добра реализација, сепак мора да се земе во предвид намалувањето на индикаторите за успешност на реализација кај активностите имплементирани од граѓанските здруженија, без консултација“, се додава во извештајот.

Приближно 39 милиони луѓе во светот живеат со ХИВ. Бројот на деца кои живеат со ХИВ, на возраст до 14 години изнесува просечно 1,5 милиони.