Новиот израелски министер за надворешни работи Јаир Лапид на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средбата во Рим му предочил дека Израел е „сериозно резервиран“ во однос на нуклеарниот договор со Иран.
„Израел има сериозни резерви во однос на иранскиот нуклеарен договор кој е склучен во Виена. Сметаме дека за тоа несогласувања треба да се дискутира директно, а не на прес-конференции“, изјави изалескиот министер за надворешни работи Јаир Лапид во пресрет средбата со својот американски колега по должност Ентони Блинкен во италијанската престолнина Рим.
Шефовите на дипломатиите на двете земји сојузнички, на својата прва средба одржана во живо имале „многу позитивен и топол“ разговори, брифираат за медиумите американски извори.
Главните теми биле договорот за иранската нуклеарна програма, американските и израелските договори за нормализација на односите со арапските земји во Персискиот залив, како и хуманитарната помош за палестинската енклава Појасот Газа и статусот на источен Ерусалим, прашања кои ја отворија последната спирала на насилства меѓу Израелците и Палестинците во мај.
Лапид по пристигнувањето во Рим, исто така, рече дека Израел ќе работи на подобрувањето на односите со САД.
„Последните неколку години правени се грешки. Нарушена е рамнотежата на односот на Израел со двете главни партии ‘(во САД) и сека тие грешки заедно ќе ги исправиме“, порача Лапид.
Лапид алудирајше на големите тензии меѓу поранешната администрација на демократите во Вашингтон во мандатот на претседателот Барак Обама чиј потпретедател беше сегашниот американски челник Џо Бајден со владата на долгогодишниот доскорешен израелски премиер Бенјамин Нетанјаху. Американско-израелските односи беа, пак, многу блиски во мандатот на претходниот републикански претседател на САД, Доналд Трамп, кој го потпиша законот на Конгресот кој го одбегнуваа да го применат многу негови претходници, со кој Ерусалим се признава за главен град на Израел, што предизвика револт и кај Палестинците и меѓу арапските земји.
Блинкен претходно во неделата изјави дека САД ги поддржуваат односите за нормализација на односите со арапските земји кои беа потпишани по инсистирање на Трамп, но истакна дека тие не можат да го заменат ангажманот на Израелците и Палестинците на решавањет на споровите меѓу двете страни.
Преговорите за обновување на договорот од 2015-та веќе со седмици траат во Виена. Иран и САД индиректно ги водат разговорите за повторно активирање на нуклеарниот договор кој во ноември 2015 година го потпиша Техеран со шесте светски сили, а САД во 2018-те еднострано се повлеко од него наметнувајќи нови санкции и барајќи договорот да опфати и други сфери.
Новиот израелски пемиер Нафтали Бенет го прифати ставот на својот претходник Бенјамин Нетанјаху, кој од 2015-та се противеше на иранскиот нуклеарен договор, сметајќи дека наметнататите ограничувања за Техеран се „прелабави и недоволни“.