Лапорта: Барселона навреме го задоволи финансискиот фер-плеј

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, во вторникот изјави дека клубот ја доставил сета потребна документација за играчите Дани Олмо и Пау Виктор да добијат нови регистрации и верува дека ќе можат да играат до крајот на сезоната.

Организаторот на ппанското фудбалско првенство Ла Лига на 1-ви јануари ги поништи регистрациите на 26-годишниот офанзивен играч за врска Олмо и 23-годишниот напаѓач Виктор, тврдејќи дека Барселона навреме не доставила документација која покажува дека трошоците на клубот се избалансирани со приход со цел да се исполни правилото за финансиски фер-плеј.

Барселона се жалеше до државниот Висок совет за спорт, при Министерството за спорт, кој привремено ги врати регистрациите на двајцата играчи додека конечно не се реши спорот.

Лапорта на прес-конференција во Барселона изјави дека клубот ја испратил документацијата на 27-ми декември, но дека Ла Лига побарала дополнителна документација.

„Веќе го исполнивме правилото (за финансиски фер-плеј) на 31-ви декември. Но, Ла Лига сметаше дека треба да ја дополниме со дополнителни документи, што го направивме на 3-ти јануари“, додаде тој.

Лапорта објасни дека Барселона на инвеститорите од Катар и Обединетите Арапски Емирати им дала долгорочен закуп на 475 од 9.600 ВИП места на стадионот „Камп Ноу“, кој моментално се реновира и ќе има вкупно 105.000 седишта.

„Инвеститор од Катар ги купи местата за 30 милиони евра и ни ги исплати тие пари кои ги претставивме во Ла Лига. Друг инвеститор од Емиратите ги купи седиштата за 70 милиони евра и требаше веднаш да ни плати 40 отсто од таа сума. Но, парите никогаш не стигнаа на сметката. До 31-ви декември бидејќи банките беа затворени (за Нова година) па парите ги добивме на 3-ти јануари кога ја испративме потврдата во Ла Лига“, изјави претседателот на Барселона.

Тврди дека клубот веќе го исполнил правилото за финансиски фер-плеј до 1-ви јануари, крајниот рок поставен од Ла Лига.

Сепак, според правилата на Шпанската фудбалска федерација, која во договор со Ла Лига дава регистрации на играчи, постои правило според кое ист играч не може двапати да се регистрира за ист клуб во една сезона, освен во случај кога „виша сила“. Ова ги покрена прашањата дали Олмо и Виктор можат повторно да бидат пријавени за Барселона оваа сезона, откако нивната регистрација беше поништена.

Барселона во судската постапка се повика на „виша сила“ поради што не можела да ја испрати ажурираната документација, а сѐ уште се чека конечната одлука на Вишиот спортски совет.

Барселона летово го донесе Олмо од германскиот РБ Лајпциг и потпиша договор до летото 2030 година, додека Виктор го донесе од соседна Жирона и му даде договор до летото 2029 година.

„Тие многу страдаа, тие и нивните семејства. Оваа ситуација не беше пријатна. Им рековме дека ќе бидат регистрирани“, рече Лапорта.

Додаде дека и двајцата играчи, иако загрижени, се однесувале одлично.

„Тие се обидоа да не дозволат тоа да влијае на динамиката на целата група“, нагласи тој.

Барселона во неделата го освои шпанскиот Суперкуп со победата над Реал Мадрид со 5:2. Натпреварот одигран во Саудиска Арабија го одбележа првиот трофеј на тимот откако минатата сезона не успеа да освои ниту една.

Лапорта рече дека изнајмувањето на 9.600 ВИП места е нов начин за генерирање приходи и дека клубот неодамна потпиша и профитабилен договор со производителот на спортска опрема „Nike“. Тој истакна дека договорот можел да биде потпишан ова лето, но дека клубот го потпишал подоцна бидејќи обезбедил 300 милиони евра повеќе од првичниот договор.

Претседателот на Барселона додаде дека сѐ уште е актуелна идејата за Суперлига, натпреварување во кое би учествувале најголемите клубови во Европа.

„Суперлигата продолжува да оди напред. Беше планирано и порано, но имаше одложувања, но идејата сѐ уште е жива. Потребна е за клубовите да имаат повеќе приходи и за европскиот фудбал да биде одржлив“, изјави Лапорта.