Лапсузот на полскиот премиер стана хит-забава кај народот

Полјаците на интернет од утринава се забавуваат со новиот лапсус на премиерот Матеуш Моравјецки, кој на конференција за новинари најсериозно предупреди на „опасноста“ – неговата партија Право и Правда да се врати на власт на редовните парламентарни избори на 15 октомври.

-Сакаме да ве потсетиме на нашиот однос со Русија. Сакаме да ве потсетиме колку голема е опасноста од враќањето на власт на Право и Правда во Владата. Значењето на овие избори е огромно, изјави премиерот Моравјецки.

„Тој првпат ја кажа вистината“, „Првпат се согласувам со премиерот“ – се најчестите коментари на опозициските политичари и други корисници од Полска на интернет-просторот.

Натаму, има и такви кои прашуваат дали премиерот се вратил во тимот на својот поранешен шеф – порано премиер, а сега главен опозициски лидер Доналд Туск, како потсетување дека своевремено Моравјецки беше еден од економските советници на Туск кога овој беше премиер.