Лашкоска вели намалување на ризиците од катастрофи бара широка соработка и инклузивност

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска денес учествуваше на министерска тркалезна маса на тема: „Зголемување на активностите за намалување на ризикот од развој на ризици во средината“, организирана во рамки на Европската платформа за намалување на ризици од катастрофи, што се одржува во Будва, Црна Гора.

Во присуство на министри и шефови на делегации на високо ниво од регионот и од Европа и централна Азија, претставници на ОН и избрани засегнатите страни, заменик министерката Лашкоска ги претстави националните напори за намалување на ризикот од климатските катастрофи .

„Еден од клучните предизвици со кои се соочуваме е да се осигура дека намалувањето на ризикот од катастрофи, климатската адаптација и управувањето со животната средина се спроведува кохерентно во сите гранки на власта. Овие области се неразделни и треба да се уредуваат соодветно“ истакна Лашкоска додавајќи дека се потребни интегрирани закони, регулативи и рамки на политики кои ќе обединат различни сектори – животна средина, енергија, земјоделство, урбанистичко планирање, инфраструктура, финансии, образование и социјална заштита – под обединета и инклузивна визија за намалување на ризикот и отпорност на климата на нашите заедници.

Таа истакна дека ја смета за особено важна регионалната соработка, бидејќи катастрофите не познаваат граници, а колективна способност да споделуваме знаење, ресурси и најдобри практики е од витално значење.

Европската платформа за намалување на ризици од катастрофи ја оцени како исклучително важна и добра можности да се споделуваат знаења, да се соработува и да се координира за стратегиите за намалување на ризиците што ги надминуваат националните граници.

Тркалезната маса се затвори со донесување на политичка декларација која не е само резиме на дискусиите, туку ја изразува посветеноста на државите за заедниците. Таа е моќна порака до глобалната заедница, ги зајакнува врските помеѓу Рамката Сендаи и Конвенциите во Рио и придонесува кон Глобалната платформа за намалување на ризикот од катастрофи од 2025 година.