Ласовска: Ако СДСМ се искрени кон студентите, ќе го поддржат предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ

Доколку СДСМ се однесува како одговорна власт и ги стави во преден план потребите на студентите, а не партиските потреби тогаш ќе го усвојат овој предлог законот кој е реален, издржан, конструктивен и аргументиран, изјави Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, чијашто пратеничка група во средатата предложи закон за издавање на вредносни бонови – ваучери за студентите.

Ласовска притоа потсети дека додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт беше реализиран ваков проект, и оти сега кога владата предводена од СДСМ предложи ребалансот на Буџетот, нејзината партија сака да не се скусуваат средствата наменети за поддршка на студентите.

„Со овој предлог-закон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ’За подобра Македонија’ сака да излеземе во пресрет на сите редовни студенти коишто не се во можност да си дозволат да купат компјутер, како и да се помогне и на лицата со посебни потреби кои се исто така студенти и студираат на некој од високо образовните установи во Република Македонија“, рече Ласовска.

Појасни дека со споменатиот предлог-закон се предвидува издавање вредносни бонови-ваучери за обезбедување компјутери за редовните студенти од семејства во кои месечните приходите не го надминуваат износот од две просечни месечни нето плати, односно 45.344 денари нето приход и кои првпат се запишани во трета и четврта година на студии на високо образовните установи во Република Македонија.

Овие ваучери, како што натаму појасни претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, студентите ќе можат да ги искористат во трговски друштва и трговци поединци кои се регистрирани за дејности поврзани со трговија, одржување и поправка на компјутери како финансиска помош-субвенција при купување компјутер, врз основа на името и презимето на студентот, бројот на индексот, бројот на личната карта односно патна исправа, серискиот број на ваучерот и личен потпис на студентот врз основа на пополнет формулар за купување на компјутер со ваучер.

„ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт докажа дека секогаш на прво место им беше подобрување на животот на студентите. Тоа го докажавме со низа мерки кои ги спроведовме се со цел за подобрување на условите за живеење на студентите. Искрено се надеваме дека СДС сега ќе се однесуваат зрело и ќе го поддржат предлог законот за вредносни бонови – ваучери за компјутери за студентите кои не можат да си дозволат да си купат компјутер. ВМРО-ДПМНЕ без разлика дали е на власт или во опозиција и натаму ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и нивните потреби“, порача Ласовска.