Ласовска: Прашањето за уставните измени се затворена тема за ВМРО-ДПМНЕ, да зборуваме за криминалот на власта, за руинираните образование и здравство

Треба да зборуваме за криминалот, за образованието, за руинираното здравство, промените во Уставот се затворена тема, оцени во четвртокот пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска за „Анализа“ на ТВ24 и притоа истакна дека мнозинство од граѓаните не сакаат да се случат уставни измени и ако власта оди против волјата на граѓаните и ако прави нешто што е противуставно, ќе мора да одговара.

„Затворена е темата уставни измени за ВМРО-ДПМНЕ. Уставот нема да се менува, ова го кажувам на ваков начин за да се смири јавноста особено Македонците и кои на средбите молат да не се попушта. Тука ја затвораме темата. Нема потреба повеќе да се дебатира за уставни измени, бидејќи нашиот став нема да се промени“, рече Ласовска.

Во врска со работната група, Ласовска истакна дека партиските претставници сакаат да си направат референца за биографија за Уставни судии, додека професорите по Уставно право одбија да бидат дел од неа.

„Работната група која е составена дел од кривичари и малку ексерти по Уставно право. Најеминентните професори по Уставно право се изјаснија дека не сакаат да учествуваат во работната група затоа што нема консензус. Членот 131 од Уставот е многу јасен – одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници“, рече Ласовска.