Латас ги доби транскриптите од „бомбите“ за случајот „Тотал“

Новинарот и уредник на телевизија Сител, Драган Павловиќ-Латас ги доби транскриптите од „бомбите” за случајот на СЈО „Тотал“. По неколку одложувања на процесот поради неговото отсуство, денес Латас влезе во судница.

Неговата одбрана пред започнување на главната расправа побара да ги добијат транскриптите од 14 „бомби“ кои СЈО ги има предложено како доказ.

Адвокатката Светлана Савиќ истакна дека без да ги видат транскриптите од прислушуваните разговори нема да можат да дадат воведни говори.

Обвинителката пак истакна дека обвинетиот имал досега можност да ги преслуша бомбите.

Судијката Славица Наумова го усвои барањето на одбраната и им даде транскрипт од прислушуваните разговори за како што рече, да се запознаат со содржината на аудио материјалите.

Во случајот „Тотал” е обвинет новинарот  Драган Павловиќ – Латас заедно со три фирми: „Тотал маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал медија центар” и „Медијамакс”, во кои тој се јавува како сопственик или управител.

Според обвинението, Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок. Тој и правните лица давале лажни податоци за даночните обврски – фирмите не плаќале данок, а обвинетиот и самиот одбегнал да плати данок. Латас како управител на компаниите ја намалил основицата за данок и не пријавил лични приходи. Тој набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен.

Овие средства биле евидентирани како основни средства и тековни трошоци, а Латас ја намалил обврската и по основа на ДДВ. Износот за добра и набавени услуги осомничениот не го пријавил во годишната даночна пријава.