Латвија и Романија се сомневаат дека руските дронови го нарушиле нивниот воздушен простор

Двете земји челнки на НАТО, Латвија и Романија, се сомневаат дека две руски беспилотни летала го нарушиле нивниот воздушен простор, што предизвикало чувство на вознемиреност во источна Европа, пишува dpa.

Латвиското Министерство за одбрана во неделата соопшти дека го истражува инцидентот со можен пад на руско беспилотно летало во источниот град Резекне.

„Првичните податоци укажуваат дека станува збор за воено беспилотен летало на Руската Федерација и според информациите со кои располагаат Националните вооружени сили, тој полетал во нашиот воздушен простор од Белорусија“, се вели во соопштението на Националните вооружени сили во кое не се даваат никакви поединости и докази.

Нејасно е како наводното руско беспилотно летало успеало незабележано да навлезе во воздушниот простор на земја во којашто е распоредени сили радарски и противвоздушни системи на мултинационалните сили на НАТО.

Во изминатите неколку месеци Украина тврди дека регистирала бројни руски беспилотни летала кои навлегуваат во белорускиот воздушен простор, додека Белорусија постојано се жалеше на нарушување на нејзиниот воздушен простор од страна на украинските беспилотни летала кои извршуваат провокативни и набљудувачки операции..

„Оваа ситуација е потврда дека треба да ја продолжиме работата што ја започнавме за зајакнување на источната граница на Латвија“, рече латвискиот министер за одбрана Андрис Спрудс.

Латвија е меѓу многуте земји на НАТО кои ги зголемија трошоците за одбрана откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Во неделата романското Министерство за одбрана, исто така, соопшти дека руското беспилотно летало накратко прелетало над романска територија пред да влезе во украинскиот воздушен простор. Букурешт испрати предупредувачка порака до граѓаните на пограничните градови Констанца и Тулчеа, додека романските борбени авиони „F-16“ биле кренати во извидувачки лет.

Армијата, исто така, започна потрага по можни остатоци во близина на градот Периправа. Во Романија, инаку, се гради голема база на НАТО во која ќе бидат сместени илјадници војници на блокот во силите за брза реакција, како и големи воздухопловни единици.

„НАТО го осудува руското кршење на романскиот воздушен простор во текот на ноќта. Иако немаме информации кои укажуваат на тоа дека станува збор за намерен напад од страна на Русија против сојузниците, ова се неодговорни и потенцијално опасни дејствија“, рече заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, кој инаку доаѓа од Романија.