![Mesi Laureus](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/05/Mesi-Laureus.jpg?resize=519%2C415&ssl=1)
Лионел Меси, 35-годишниот аргентински фудбалер, ја доби наградата Лауреус (Laureus World Sports Awards) за спортист на годината во светот, а лауреат на истото признаение стана и со аргентинската фудбалска репрезентација, чиј капитен е, која е прогласена за спортски тим на годината.
На крајот на 2022 година, Аргентина го освои Светското првенство, предводена од Меси, а капитенот на „гаучосите“ и член на Париз Сен Жермен е првиот спортист во историјата на доделување награди Лореус, кој беше награден двапати во иста година.
Инаку, Меси ја доби оваа награда и во 2020 година, а потоа ја подели со Британецот Луис Хамилтон, возачот во Формула 1. Меси и натаму е единствениот фудбалер кој ја освоил оваа награда.
За спортистка на годината е избрана Шели-Ен Фрејзер-Прајс, спринтерка од Јамајка. Откритието од минатата година е младиот шпански тенисер Карлос Алкараз, победник на УС Опен 2022 година, додека повратник на годината е данскиот фудбалер Кристијан Ериксен.
Трофејот Лауреус се доделува од 2000 година, а жирито го сочинуваат 71 легендарен спортист.