Лавров демантираше дека со Трамп зборувале за смената на Коми

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги негираше тврдењата на некои американски медиуми дека наводно на минатонеделната средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа било зборувана за смената на дотогашниот шеф на Федералното биро за истраги (FBI) Џејмс Коми кој меѓу другото ја водеше истрагата и за наводното руско мешање во американските претседателски избори ланскиот ноември и за можните контакти на лица од опкружувањето на Трамп со Москва.

„Воопшто не ја допревме таа тема“, рекол шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров за новинарите, пренесуваат руските агенции.

Во извештаите се потсетува дека Лавров и на 14 мај, исто така, ја повторил истата позиција. „Не, не дискутиравме. Тоа не е наше прашања, тоа е негово (на Трамп) право“, рече првиот руски дипломат минатата недела на гостување на Првиот канал на руската телевизија.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 9 мај го смени од челната позиција во FBI, Џејмс Коми, ден пред посетата на Лавров на Вашингтон. Како што објави тогаш Белата куќа, таквата одлука следела по препораката на американскиот државен обвинител и неговиот заменик, кои оцениле дека Коми не е во состојба ефикасно да ја извршува својата функција.

Трамп во четвртокот негираше дека од Коми барал да ја прекине истрагата за руските врски на неговиот поранешен советник за национална безбедност Мајкл Флин, и предупреди дека е изложен на лов на вештерки од политиките противници.

Весникот The New York Times, пак, објави дека Трамп им се фалел на руски функционери со коишто се сретна во Блата куќа минатата седмица дека со смената на Џејмс Коми попуштил „големиот притисок“ со кој претседателот се соочувал поради истрагата за наводното руско мешање во американските претседателски избори од ноември 2016 година.

„Штотуку го отпуштив шефот на FBI. Навистина беше лудак“, рекол наводно Трамп според весникот, во кој се цитира наводен документ стенограм од состанокот, а на The New York Times му го прочитал американски функционер кој сакал да остане неименуван. „Бев под голем притисок поради Русија. Тоа сега е решено“,рекол наводно американскиот претседател.

Доналд Трамп се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и рускиот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кислјак, во Овалниот кабинет дена откако го разреши Џејмс Коми, кој меѓу другото беше надлежен и за истрагата за наводната руска вмешаност во американскиот изборен систем. Њујоршкиот весник наведува дека документот се темели на белешките од Овалниот кабинет.