Обновениот концепт на руската надворешна политика ќе се сосредоточи на потребата да се запре монополот на Западот во дефинирањето на рамките на меѓународните односи, изјави во средата шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Во обраќањето пред пратениците во парламентот (Државната Дума), Лавров рече дека западните земји се обидуваат да се вмешаат во внатрешните политички текови во Русија, се обидуваат развојот на земјата да го вратат со децении наназад под слоганите за „деколонизација“ и „подготовки за распад на Русија“.
„Во нашиот обновен концепт за надворешната политика, ќе стане збор за неопходноста да се стави крај на монополот на Западот врз формирањето на рамката на меѓународниот поредок, кој отсега треба да биде определен не во неговите егоистични интереси, туку на правична, универзална основа на рамнотежата на интересите, како што бара Повелбата на ОН, која го зацврстува начелото на суверена еднаквост на сите држави“, рече Лавров.
„Нивната цел е да продолжат да ги контролираат условите за развој на целото човештво заради сопствената доминација во светот“, додаде шефот на руската дипломатија.
Истакна дека истовремено „англосаксонците и остатокот од колективниот Запад, кои несомнено им се потчинува“, по секоја цена сакат да го наметнат својот диктат во глобалните односи
За таа цел, продолжи Лавров, западните земји незаконски користат методи на „закани, уцени, па дури и директни кражби за казнување“ на оние земји коишто водат независна национално ориентирана политика.
Додаде и дека ткн колективниот Запад е „опседнат“ со желбата за униполарен светски поредок и „грубо го нарушува“ принципот на суверената еднаквост на земјите во светот.
„САД и нивните сојузници се опседнати со манијакалната желба да го заживеат неоколонијализмот, униполарниот светски поредок, да се мешаат во објективниот процес на формирање и издигнување на нови светски центри. И сето тоа во надеж и натаму, како што истакна претедателот (на Русија, Владимир) Путин во говорот во Кремљ на 30-ти јануари ‘за да се собере данок од човештвото, да се извлече рентата за хегемонот’“, додаде Лавров.
Минатата седмица заменикот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков најави дека наскоро ќе биде претставен новиот концепт на надворешната политика на Москва. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, појаси дека претседателот Путин најскоро ќе ги одобри тој документ.