Лавров ја обвини коалицијата на САД за провокација на руските сили во Русија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини силите на коалицијата предводена од САД за „крвави провокации“ на руските воени сили во Сирија.

„Поради активностите на силите под американско водство, се наметнуваат многу прашања. Во некои случаи тие сили индиректно ги поттикнувале другите терористи да ги напаѓаат стратешките позиции кои Дамаск легитимно си ги поврати, или се впуштаа во крвави провокации на нашите сили“, вели во интервјуто за саудискиот дневен весник Asharq al-Awsat, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Агенцијата AFP оценува дека шефот на руската дипломатија најверојатно алудирал на Сириските демократски сили (SDF) коишто ги вооружуваат, обучуваат и стратешки водат САД кои се во офанзива против џихадистите на Исламската држава кон нејзиното упориште во Рака, кон кое од спротивната страна напредуваат и сириските владини сили поддржани од руската авијација и офицери кои имаат советодавна улога.

Москва минатиот месец ги осуди SDF дека се обидуваат да ја саботираат офанзивата на сириската армија против Исламската држава околу градот Деир-ез-Зор, каде што ненадејно во ракетирање на џихадистите врз команден пункт на сириската армија кон крајот на септември загина руски генерал.

За да се спречат несаканите судири, на североистокот од Сирија е договорена „линија без судири“ меѓу коалицијата, Сириска демократски сили, сириската влада и Русија. Меѓутоа, западната коалиција го обвинуваше руското воздухопловство дека ги бомбардирало нивните сојузници на теренот, како што претходно тоа го стори Москва кога коалициските авиони наводно по грешка директно ги бомбардираа позициите на сириските војски кога имаше стотици убиени војници.

„Денес сите вклучени страни мора да се откажат од своите геополитички амбиции и целосно да придонесат за воспоставување на стабилноста и безбедноста во Сирија и на целиот Блиски исток, како и во северна Африка“, вели натаму Лавров во разговорот за Asharq al-Awsat.

Повикува, исто така, и на укинување на западните санкции против владата на претседателот Башар ал-Асад за да се придонесе за обновувањето на разорената Сирија којашто е зафатена од војната од март 2011 година.

Кога станува збор за односите меѓу Москва и Вашингтон, Лавров вели дека руската страна „не е одговорна за сегашното влошување“ на односите, а за почетокот на тензиите ја обвини администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама.

Лавров додава и дека Москва покажува воздржаност кон Вашингтон под сегашната администрацја на претседателот Доналд Трамп. Меѓутоа, „нема да дозволиме сето тоа да мине без реакции“, предупредува рускиот министер особено потенцирајќи ги „непријателските“ санкции кои САД ѝ ги наметнаа на Русија.