Лавров: Кризите во Сирија и Украина беа вештачки создадени со цел смена нa власта

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средба со неговиот словенечкиот колега Карл Ерјавец во Москва изјави  дека кризите во Сирија и во Украина беа вештачки создадени со цел смена на властите во тие земји, пренесоа медиумите.

„Сега во преден план излегуваат најтешките кризи, создадени на спорен начин во Сирија, Либија, Ирак. И во Украина мотивите се истите – смена на власта. Треба да се бараат начини за нивно решавање и главно вниманието треба да се насочи кон прекин на насилството и сите да започнат дијалог без претходни услови“, рече Лавров.

Лавров со Ерјавец ќе ја разгледа примената на патоказот на ОБСЕ за прекин на насилствата во Украина. Според шефот на словенечката дипломатија, Словенија позитивно гледа на неодамнешните претседателски избори во Украина.

Новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко изјави дека ќе вложи напори за обновување на дијалогот, тоа внесува оптимизам. Знам, дека вие сте заинтересирани за таков пат на дијалогот, рече Ерјавец.