Лавров: Македонија со ултиматум и закани е вовлечена во војната со санкции

Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија, за српскитe медиуми изјави дека Црна Гора и Македонија се вовлечени во војната со санкции.

„Тие беа привлечени со ветувањата за брзо зближување со Европската унија. Тоа не се случи. Беа вовлечени во НАТО, во антируски акции, во антируски кампањи. потоа ги ‘тапкаа по рамо’  велејќи им ‘момци – секоја чест, продолжете во истиот дух’. Ова е сериозен проблем. Угледот на ЕУ и вистинските цели на нејзината политика на Балканот се во прашање. Според моите согледувања, САД го предадоа Балканот на Европската унија. Тие се целосно задоволни од агресивната антируска линија што ја спроведува ЕУ.

Никогаш не наметнуваме нешто со сила. Западот се обидува да ја наметне својата волја со силата на економски притисок, закани, уцени, ултиматуми дека ако сакате да влезете во Европската унија, мора да заземете антируска линија. Ова не е пристојно. Не можете така да се однесувате ниту во општеството, ниту дома, ниту со пријателите, ниту на меѓународната сцена. Особено кога сите се обидуваат да ги притиснат сите. Претседателот Александар Вучиќ повеќепати се осврна на оваа тема. Искрено рече дека Србија е мала земја. Но, таа има своја гордост, интереси. Сега се обидуваат едноставно да ‘стиснат’ и да го направат инструмент на западната политика. Исто како што се случи со Северна Македонија, Црна Гора, како што се обидуваат да направат со Босна и Херцеговина“.