Лавров патува во Саудиска Арабија за да ја подготви средбата Трамп-Путин

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и помошникот за надворешна политика на претседателот Владимир Путин, Јуриј Ушаков, в понеделник ќе отпатуваат за Саудиска Арабија за да се сретнат со тимот на американскиот претседател Доналд Трамп за да го подготват теренот за претстојната средба на двајцата лидери, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Руски тим ќе разговара со САД во Саудиска Арабија првенствено со цел да дознае што предлага администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на украинскиот конфликт, изјави министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Запрашан за неговите очекувања од разговорите, Лавров рече дека „кога одиме на преговори на предлог на нашите партнери, пред сè, секогаш сакаме да ги слушнеме“. Тој, исто така, истакна дека Трамп и Путин се согласиле да го остават зад себе „апсолутно ненормалниот период“ во односите меѓу земјите, кои едвај комуницирале во последните три години.

„Претседателите се согласија дека е неопходно да се продолжи дијалогот за сите прашања што можат да се решат на еден или друг начин со учество на Русија и САД… Затоа, ќе ги слушаме нашите американски колеги и, се разбира, ќе бидеме подготвени да одговориме. Потоа ќе ги известиме нашите лидери кои ќе донесат одлуки за идните чекори“, рече министерот.

Минатата недела Трамп го одржа својот прв телефонски разговор со Путин откако се врати на функцијата. По 90-минутниот разговор, Москва и Вашингтон најавија дека двајцата лидери наскоро ќе се сретнат лице в лице, а подоцна открија дека самитот ќе се одржи во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.

Зборувајќи за новинарите во понеделникот, Песков изјави дека Лавров и Ушаков, по инструкции на Путин, патуваат за Ријад во вторник на средба со американска делегација. Разговорите ќе бидат посветени на обновата на билатералните врски, вклучително и претстојните разговори за решавање на украинската криза и организацијата на самитот Путин-Трамп.

Песков објасни дека Саудиска Арабија е избрана како локација за разговори на високо ниво бидејќи „им одговара и на американската и на руската страна“.

Портпаролот истакна дека сѐ уште не е јасно кога и дали ќе се одржат разговорите за завршување на украинскиот конфликт, нагласувајќи дека можноста за такви преговори ќе се разговара дури во вторник меѓу руската и американската делегација.

Сепак, тој истакна дека „сите се обидуваат да зборуваат за тоа што треба да се направи за да се запре војната по секоја цена“, тврдејќи дека не одамна многумина на Запад сакале наместо тоа да ги продолжат борбите.