Лавров повика на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повика на прекин на огнот и решавање на хуманитарните прашања како приоритет за намалување на тензиите во војната во Газа.

„Потоа, се разбира, потребен е механизам кој ја разгледува ситуацијата во поширок контекст“, рече Лавров во Техеран, на маргините на разговорите за нестабилноста во регионот на Јужен Кавказ, пренесе руската новинска агенција Интерфакс.

Тој контекст, рече Лавров, предвидува решение со две држави. Тој го обвини Вашингтон дека со години ја блокира работата на Квартетот за Блискиот исток, кој го сочинуваат Обединетите нации, САД, Европската унија и Русија.

Покрај прекинот на огнот, Русија побара отворање на хуманитарни коридори за помош на населението во палестинската енклава Појасот Газа со храна и лекови.

На состанокот на министрите за надворешни работи на Иран, Турција, Ерменија и Азербејџан во Иран, Лавров го критикуваше распоредувањето на американски воени бродови во источниот Медитеран како опасно мешање во конфликтот.

„Колку има повеќе такви чекори, толку е поголема опасноста да се прошири конфликтот“, предупреди шефот на руската дипломатија.