sergej lavrovРускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пристигна во четвртокот на Бали на самитот на шефовите на дипломатиите од земјите во групата Г20, за кој се очекува дека ќе биде засенет со прашањата за војната во Украина и заканувачката светска криза со храната.
Се очекува дека на самитот кој треба да започне во петокот ќе присуствуваат водечките дипломати од сите држави членки на Г20, меѓи кои и американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговиот кинески колега Ванг Ји.
Предвидено е Лавров да одржи билатерални разговори со Ванг во четвртокот, рекол за Reuters извор од кинеската амбасада во Џакарта.
Според најавите од САД и нивните западни сојузници, се очекува на самитот на Балии да преовладува поделеноста поради присуството на претставниците на Русија, за што беше инсистирано кај индонезискиот претседател Џојо Видодо да им го откаже гостопримството. Официјална Џакарта одби да го стори тоа, но попушти и како гостин на самитот на Бали ја покани и Украина.
„Веројатно ќе има драма околу Лавров, но ако Индонезија може да ја наговори Русија на мир (со Украина), мислам дека тоа би се исплатело“, неодредено коментира Агис Харјанто, предавач по меѓународни односи.
Индонезискиот претседател Видодо се обиде да посредува меѓу Русија и Украина, посетувајќи ги двете земји минатата седмица на патувањето коешто го опиша како мировна мисија. Претходно предупреди дека светската криза со храната, за која Западот тврди дека е предизвикана од војната од Украина а Москва дека е поттикната од западните антируски санкции и украинските минирања на црноморските пристаништа, би можела да ги турне луѓето од земјите во развој и во сиромашните земји во „пропаста на екстремната сиромаштија и глад“.