Москва ќе биде подготвена за продолжување на трасата на гасоводот Турски тек кон Европа, дури откако ќе добие гаранции од Европската унија дека и овој проект нема да ја доживее судбината на Јужен тек, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интревју за весникот Српски Телеграф.
Лавров нагласува дека рускиот енергетски гигант „Газпром“ разгледува две можни варијанти за продолжување на цевководот Турски тек кон европските потрошувачи, едната преку Бугарија и Србија, а втората преку Грција и Италија.
„Сега се разгледуваат различни можности за продолжување на гасоводот на европска територија, вклучлитено и по рутата Бугарија-Србија-Унгарија до гасниот чвор во австирскиот Баумгартен, вели Лавров, додавајќи дека Москва го научила урокот од гасоводот Јужен тек. и не сака тоа да се повтори.
Проектот за изградба на гасоводот Јужен тек Русија преку Црното Море до бугарскиот брег пропадна, кога Бугарија се повлече од него под притисок од Брисел и Вашингтон.. Гасоводот Турски тек, исто така, треба да минува низ Црното Море, но да завршува во европскиот дел на Турција.
Договорот предвидува изградба на две линии од магистралниот гасовод по дното на Црното Море со капацитет од над 15 милијарди кубни метри гас секоја, кои би требало да бидат завршени во декември 2019 година. Се претпоставува дека испораките на природен гас преку првиот цевковод ќе бидат наменети за потребите на турските потрошувачи, додека вториот е наменет за европскиот пазар, а неговото градење ќе биде овозможено откако ќе се добијат сите соодветни гаранции од Европската унија, за што неколкупати досега истакнаа од Москва.
Москва на крајот од 2014 година го стави настрана и проектот Јужен тек, кој исто така требаше да ја снабдува јужна Европа со руски гас заобиколувајќи ја Украина, како резултат на трите ткн „гасни“ војни последната деценија со Киев, поради постојаните забелешки на Европската комисија дека со него се кршеле правилата за конкурентноста и со Анкара го договори проектот Турски тек.
Проектот предвидува изградба на гасовод преку Црното Море до европскиот дел на Турција и натаму кон границата со Грција. Должината на поморскиот дел од проектот е околу 910 километри, а копнениот по турската територија изнесува 180 километри. Капацитетот на секој од четирите цевководи е планирано да биде 15,75 милијарди кубни метри гас, а вкупната вредност се проценува на 11,4 милијарди евра.