Русија е отворена за разговори со Западот за војната во Украина, но сѐ уште не добила сериозна понуда за преговори, изјави во вторникот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Во изјава за јавната руска телевизија, Лавров истакна дека не се вистинити изјавите на западните функционери, во прв ред на портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, според кои САД наводно биле отворени за разговори но Русија ги одбила.
„Тоа е лага. Не добивме никакви сериозни понуди за контакт“, дециден беше шефот на руската дипломатија.
Лавров додаде и дека Русија нема да одбива средба меѓу претседателот Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден на следниот самит на Г20 на Бали, како и дека ќе го разгледа предлогот доколку го добие.
„Повеќепати рековме дека никогаш не одбиваме состаноци. Доколку има предлог, тогаш ќе го разгледаме“, изјави рускиот министер за надворешни работи.
Зборувајќи за можноста Турција ви можела да биде домаќин на разговорите меѓу Русија и ткн колективен Запад, Лавров рече дека Москва ќе биде подготвена да ги сослуша сите предлози, но дека не може однапред да каже дали тоа ќе доведе до резултати.
Челникот на руската дипломатија додаде дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ќе има можност да му го изнесе предлогот Путин оваа седмица на средбата во Казахстан.