Лавров: САД и НАТО со милитаризација се обидуваат да го освојат Азиско-пацифичкиот регион

Северноатлантската алијанса престана да ја декларира својата одбранбена суштина и сега претендира да ја има водечката улога во Азиско-пацифичкиот регион, изјави во неделата за новинарите рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по учеството на Источноазискиот самит.

„НАТO веќе не вели дека е чисто одбранбен сојуз. Одбранбен беше додека постоеја Советскиот сојуз и Варшавскиот пакт. Оттогаш имаат своја линија на одбрана, а кога ги нема веќе Варшавскиот пакт и Советскиот сојуз не е јасно од кого се бранат, и оваа линија на одбрана ја преместуваат блиску до нашите граници, а на самитот во Мадрид летово најавија дека понесуваат глобална одговорност и дека безбедноста на Евроатлантскиот и Индопацифичкиот регион е неделива“, изјави Лавров.

Додаде дека западните челници најавуваат дека во овие региони ќе играат водечка улога во ткн „одбранбена линија веќе ја префрлаат на Јужното Кинеско Море“.

Шефот на руската дипломатија го истакна притоа „трендот на милитаризација на регионот“ со комбинирање на напорите на регионалните сојузници на САД, како Австралија, Нов Зеланд и Јапонија, со проширувањето на присуството на НАТО. Лавров притоа оцени дека на самиот на земјите од Источна Азија, Москва отворено ги искажала своите оцени, а Пекинг искажал сличен пристап.

„Но, за жал, тоа веројатно нема да ги натера САД и нивните сојузници да ги земат предвид интересите на повеќето земји во регионот. Меѓутоа, ние ќе продолжиме да ги изнесуваме своите позиции“, рече Лавров.

Оцени дека тие позиции во рамките на ASEAN наидуваат на разбирање, иако во оваа организација на чиј самит учествува деновиве и американскиот претседател Џо Бајден, нема јасен консензус како да се дејствува во сферата на безбедноста на регионот,

„Значи, ако задачата беше да се посеат сомнежи во редовите на ASEAN и да се направат обиди да се поткопа монолитноста (на организацијата), тогаш генерално Американците ги остваруваат своите цели“, оцени Лавров.

Притоа шефот на руската дипломатија ја истакна позицијата на повеќето земји од ASEAN, коишто според него имаат цел да ги бранат сопствените интереси и да не ги потчинуваат активностите на организацијата во интерес на играчи надвор од регионот.

„Позицијата на Русија, позицијата на Кина, кои се залагаат за задржување на централната улога на ASEAN, е високо ценета од нашите партнери“, рече Лавров,

 

САД и НАТО сакаат да го завладеат Азиско-пацифичкиот регион

Како што оцени во продолжение шефот на руската дипломатија, САД и НАТО се обидуваат да завладеат со Азиско-пацифичкиот регион, преки негова милитаризација.

„Азиско-пацифичкиот регион, кој се развива неколку децении во рамките на иницијативата ASEAN, развивајќи инклузивна, отворена рамноправна безбедносна структура и соработка, сега е цел на обид да биде завладеан од САД и нивните сојузници во НАТО. И не толку одамна беше изнесен нивниот концепт за Индо-пацифичката стратегија. Во рамките на овие концепти се промовираат формати кои не се отворени за сите и кои всушност им конкурираат на инклузивните структури на ASEAN и кои вклучуваат милитаризација на регионот со очигледен фокус на сузбивање на Кина и на руските интереси во Азиско-пацифичкиот регион“, рече Лавров.

Како една од јасните манифестации на милитаризирањето на регионот од страна на САД и НАТО, Лавров го посочи создавањето на воениот блок AUKUS, од Австралија, Обединетото Кралство и САД, кој во моментов се обидува да ги вклучи и Нов Зеланд, Јапонија и Канада.

„Иницијативите да се организираат следење на поморските активности, директно ги поврзуваат, оние кои разбираат за што станува збор, со прашањето за некој вид западно конфронтирачки активности во Јужното Кинеско Море“, рече Лавров.

Посочи дека Кина, како водечка земја во регионот, е многу свесна за тоа, како и дека Русија ја поддржува определеноста на Пекинг во целисходноста и неопходноста од зачувување на форматите кои се создадени во рамките на ASEAN. Лавров додаде и оти двете земји се застапуваат за почитување на централната улога што ја има оваа организација во процесите кои во иднина ќе се одигруваат во регионот.

„Но Западот има свои планови, и тие денеска беа кажани сосема јасно. На зборови сите ја ‘препознаваат’ улогата на ASEAN, но во стварноста се придржуваат до својата линија и ги промовираат овие механизми и инструменти за конфронтација“, заклучи шефот на руската дипломатија.