Лавров: Сиријците треба да ја одредат судбината на Асад

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва инсистира на тоа Сиријците да ја одредат судбината на Асад.

Нашиот став е јасен – ние не бараме промена на режимот, ниту расправаме за судбината на легитимниот претседател на една суверена земја. Граѓаните на таа земја треба да ја одредат судбината на својот претседател. За тоа што денес, исто така, разговаравме, изјави Лавров по состанокот со американскиот државен секретар Џон Кери во Њујорк, пренесува Танјуг.

Лавров истакна дека е најважно да се обезбедат сите политички сили, што се на власт и во опозиција и да се сложат околу основните животни работи.

Потоа е возможно да се разговара за персоналните прашања во доста порелаксирана атмосфера, наведе Лавров.

Тој напомена дека Русија и САД се сложуваат околу целите за решавање на сирискиот конфликт но не се сложуваат по прашањето за начинот како тие треба да се постигнат.

Сите сакаме Сирија да биде демократска, соединета, секуларна држава, која што ќе биде дом за сите етнички групи чиишто права ќе бидат загарантирани, но меѓу нас постојат разлики кога станува збор за деталите како тоа да се постигне, изјави Лавров.

Кери по состанокот со својот руски колега, наговести дека американската и руската војска можеби уште денес ќе одржат состанок за тоа како да се избегнат случајните конфликти во одвоените воздушни напади во Сирија.