Лавров тврди дека Киев планирал почеток на офанзива во Донбас на 8-ми март

Податоците откриени во текот на, како што Москва ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина, укажуваат дека Киев планирал да започне офанзива во одметната проруска источна област Донбас на 8-ми март и да ги заземе овие територии, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервјуто за телевизијата RT Arabic, емитувано во четвртокот.

„Веќе објаснивме зошто повеќе не можевме да не дејствуваме. Она што го пронајдовме на позициите на украинската армија … потврдуваат дека одвај успеавме навреме со (операцијата што почна на 24-ти февруари – з.р.), бидејќи на 8-ми март бил испланиран ‘планот Б’. Огромна групација на Вооружените сили на Украина, распоредена до средината на февруари на линијата на раздвојување со Донбас, планирала насилно да ги заземе овие територии со грубо нарушување на договорите од Минск, резолуциите на Советот за безбедност при ОН“, рече Лавров.

„На (украинскиот претседател) Владимир Зеленски не му беше грижа за меѓународните обврски, Уставот на Украина, кој непосредно ги гарантира правата на рускојазичното население на оваа земја. Не им беше грижа за Уставот, за сите меѓународно конвенции, усвоија антируски закони“, додаде шефот на руската дипломатија.

Лавров е убеден дека доколку планот на Киев успеел, „целиот Запад ќе ги проголташе сиве овие прекршувања, како што го проголта целосното непочитување на претходните договори во изминатите осум години“.