На седницата на 78. Генерално собрание на Обединетите нации се обрати министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.
Неделата на високо ниво на Генералното собрание на ОН се одржува во Њујорк од 19 до 25 септември.
Како што соопшти претходно руското Министерство за надворешни работи, на маргините на заседанието на Генералното собрание, Лавров имал предвидени 20-ина билатерални средби, како и разговори со претставници на меѓународни организации, меѓу кои и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Западните политичари, според него, се обземени од сопствената неказнивост и желбата да и нанесат „стратешки пораз“ на Русија.
„Серијата неодамнешни воени вежби на САД и нивните европски сојузници во НАТО се без преседан од крајот на Студената војна, а една од целите е да се практикува сценариото за употреба на нуклеарно оружје на територијата на Русија“, посочи Лавров. .
„Европската унија и САД придонесуваат за дестабилизација на Јужен Кавказ обидувајќи се да ги наметнат своите посреднички напори на Ерменија и Азербејџан. Руските мировници ќе придонесат на секој начин за нормализирање на животот во зоната на конфликтот Нагорно Карабах“, рече Лавров.
Трагичната приказна за неспроведувањето на Минските договори за решавање на ситуацијата во Украина се повторува денеска во ситуацијата околу Косово и Метохија и Србија, предупреди Лавров.
Плановите на САД за „глобално проектирање на доктрината Монро“ се крајно опасни, смета министерот.
„Овие планови се колку илузорни, толку и крајно опасни, но тоа не ги спречува идеолозите на новото издание на „Пакс Америка“ (униполарен свет предводен од САД)“, рече тој.
Западот го гледа проширувањето на НАТО во азиско-пацифичкиот регион како напредок, додека на проширувањето на БРИКС гледа како опасност за неговата доминација, изјави Лавров.
Како што истакна, „светското малцинство со сите сили се обидува да го забави природниот тек на нештата“, но логиката на историскиот процес е неумолива.
„Основната тенденција е стремежот на земјите од светското мнозинство да го зајакнат својот суверенитет и да ги бранат своите национални интереси, традиции, култура и начин на живот. Тие веќе не сакаат да живеат под туѓ диктат, сакаат да бидат пријатели и да тргуваат меѓу себе, но и со целиот свет – само под еднакви услови и за заедничка корист“.
Првпат од формирањето на ОН во 1945 година имаше шанса за вистинска демократизација на светската политика, нема да има втор пат, изјави шефот на руската дипломатија.
„Тоа носи оптимизам за сите кои веруваат во доминацијата на меѓународното право и кои сакаат заживување на ОН како главно тело за координација на светската политика“, посочи тој.
За Русија, како што рече, очигледно е дека нема друг пат.
„Сепак, САД и западните земји подредени на нив продолжуваат да поттикнуваат конфликти, кои вештачки го делат човештвото на непријателски блокови и го попречуваат постигнувањето на заедничките цели. САД и нивните сојузници прават се за да го спречат создавањето на вистински мултиполарен, праведен светски поредок, обидувајќи се да го принудат светот да игра според нивните себични правила“, според МНР на Русија.