Лавров за американските биолаборатории и инструктори на НАТО во Украина

САД се обидуваат да ги оправдаат активностите на нивната мрежа биолошки лаборатории во Украина, тврдејќи дека биле цивилни но досега не приложија никакви докази за тоа, вели рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во авторскиот текст за весникот Известия во кој наведува и дека воени инструктори од западните земји во последниот период се особено активни на боиштето во Украина.

Во текстот Лавров наведува дека сознанијата и документацијата за биолошките лаборатории во кои биле изведувани генетички истражувања со материјали од населението во регионот со опасно патогени и нивни пренесувачи до коишто дојдоа руските сили на териториите заземени во проруската источна украинска област Донбас, „јасно укажуваат на директно прекршување“ на Конвенцијата за забрана на биолошките и токсични оружја (BTWC).

„Документите им ги презентиравме на Вашингтон и на Советот за безбедност на ОН. Започната е постапката за појаснување согласно BTWC. Спротивно на фактите, американската администрација се обидува да ги оправда со изјавата дека сите биолошки истражувања во Украина биле исклучително со цивилен карактер. Нема никакви докази“, истакнува Лавров во написот.

Натаму во текстот, шефот на руската дипломатија наведува и дека е „очигледно“ дека западни воени инструктори од земји на НАТО ги насочуваат последните операциите на украинските сили на теренот, особено при ракувањето со неодамна испорачаните од САД повеќекратни ракетни лансири со долг дострел, со кој последната седмица украинските сили ги гранатираат областите на југоистокот од земјата кои се одметнаа и прогласија независност уште по превратот во Киев во 2014-та.

„Покрај тоа, инструктори на НАТО и нишанџии за повеќекратните ракетни лансери, веќе е очигледно, ги насочуваат акциите на украинската војска и нацистичките баталјони непосредно на теренот“, пишува Лавров.

Официјална Москва и претходно изрази сомневање дека за ракување со ракетните системи HIMARS и другите софистицирани напредни вооружени системи од САД и Западот, украинските војници не се обучени. Покрај тоа, руското министерство за одбрана посочи дека таквите системи не можат ефикасно да функционираат без логистичка поддршка од разузнавањето, и тврди дека за тоа се користат американски комерцијални сателити и разузнавачки летови во близина на руските граници.

Лавров притоа изразува надеж дека во Европа, сепак, „останале одговорни политичари кои се свесни за последиците коишто произлегуваат од тоа“.

 

Обид за демонизирање на Русија

Истовремено, првиот руски дипломат истакнува дека „руската армија во Доњецк и Луганск уверливо ги решаваат задачите во рамките на специјалната воена операција во Украина, со цел да се стави крај на бесрамната дискриминација и геноцидот врз Русите (на истокот на Украина – з.р.) и елиминирањето на непосредните закани за безбедноста на Русија кои со години ги создаваат САД и нивните сателити на територијата на Украина“.

Лавров истакнува и дека режимот во Киев, иако претрпел пораз на боиштето, и неговите западни покровители не отстапуваат до крвавите провокации со цел да ја „демонизираат“ Русија во светската заедница.

Шефот на руската дипломатија алудира на случаите за кои Киев и неговите западни сојузници наведуваат дека се наводни воени злосторства извршени од руските војски, а Москва повеќепати посочуваше дека станува збор инсценирани случаи на украинското и западните разузнавање во соработка со западните мејнстрим медиуми.

„Веќе имавме (случаи на наводни масовни погроми) во Буча, Мариупол, Краматорск, Кременчуг. За подготовка на нови монтирани инциденти со факти редовно предупредува руското министерство за одбрана“, пишува натаму Лавров.

 

За пропаѓањето на Минските мировни договори

Лавров натаму оценува дека е залудно барањето не германскиот канцелар Олаф Шолц до Москва за постигнување договор со Киев со одредени гаранции, бидејќи таков документ веќе постоел: „Тоа е Минск-2, кој го убија Германија и Франција“.

Станува збор за договорите од белоруската престолнина Минск од 2015 година, меѓу новите прозападни власти во Киев и проруските бунтовници во Донбас чии покровители покрај Украина и Русија, беа и Германија и Франција. Со него се предвидуваше прекин на огнот со повлекување на оружјето со голем калибар од линијата на конфронтацијата, а кој предвидуваше проруските региони да останат во составот на Украина со широка автономија.

Лавров укажува дека „Берлин и Париз, откако се прогласија за гаранти на договорите од Минск, со прст не мрднаа следните седум години да го принудат Киев да влезе во директен дијалог со претставниците на Донбас“.

„Западните лидери молчеа и кога Киев, и во времето на Петро Порошенко и во времето на Владимир Зеленсји, презеде чекори кои беа во директна спротивност со договорите од Минска. Покрај тоа, Германците и Французите изјавуваа дека директниот дијалог меѓу Киев и (народните републики) Доњецк и Луганск е невозможен, ставајќи ја целата одговорност врз Русија, иако тоа никогаш не се спомнато во документите од Минск“, додава Лавров.