Лавров: Западот го одгледуваше киевскиот режим за да создаде закана за Русија

Западот долги години го потхранува режимот во Киев со цел да создаде закана за Русија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервјуто за француската телевизија TF1 емитувано во неделата, во кое зборуваше и за целите на воената интервенција во Украина и одговори на британските шпекулации за здравствената состојба на претседателот Владимир Путин.

„Жестината со којашто Западот започна да го прани своето чедо во форма на киевскиот режим, покажа дека овој режим со умисла се негува долги години со цел да се создаде закана за Русија, да се поткопа нашето место во безбедносната архитектура“, вели Лавров.

Шефот на руската дипломатија истакнува дека Москва повеќепати истакнувала дека дејствијата на некои западни земји во Украина ги смета за закана по нејзината безбедност, но оти нејзината загриженост била игнорирана.

„Русија не објави прекуноќ за заканата по нејзината безбедност, туку долги години го повикуваше Западот да не прави од Украина антируска земја, да не создава воена закана за руската држава на територијата на Украина, да не го укинува рускиот јазик, образование и култура. На западот за тоа воопшто не му беше грижа“, истакнува Лавров.

И покрај тоа, додава првиот руски дипломат за француската телевизија, претседателот Путин е подготвен да разговара за решение на ситуацијата во Украина со францускиот претседател Емануел Макрон или други челници, дури и покрај нивната реторика.

„Главната работа е што за тоа навистина стои желбата да се разреши актуелната криза во европската безбедност“, додава Лавров.

Во продолжение на интервјуто, Лавров вели дека „безусловен приоритет“ за Москва е „ослободувањето“ на проруските области во источна Украина кои самопрогласија независност уште по превратот во Киев во 2014 година, а дека другите украински територии треба самите да се изјаснат за својата иднина.

„Ослободувањето на регионот Доњецк и Луганск, коишто Руската Федерација ги призна како независни држави (непосредно пред почетокот на инвазијата на 24-ти февруари) е безусловен приоритет… Кога станува збор за другите територии во Украина, луѓето во тие подрачја би требало да одлучуваат за својата иднина“, додава Лавров.

Проруските сепаратисти во Донбас со поддршка на руската војска речиси целосно ги контролираат административните територии на двата региона од пред 2014 година, а последните денови се води битка за целосна контрола над Северодонецк, последниот голем град во Доњецкиот регион за кој Киев вели дека е сѐ уште под негова контрола.

Руските сили забавено но постепени и континуирано го освојуваат Донбас, а украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека воената ситуација во областа е „многу комплицирана“, но дека украинската одбрана е „многу силна и им одолева на нападите во неколку места, вклучително и Северодонецк и Лисичанск“.

Лавров за F1 ги отфрли информациите во британските медиуми од наводни разузнавачки извори дека рускиот претседател е наводно смртно болен или е веќе починат, и оти во јавноста се појавувал негов двојник.

„Претседателот Владимир Путин секој ден се појавува во јавноста. Го гледате на екраните, ги слушате или читате неговите обраќања. Не мислам дека разумни луѓе во тој човек да видат знаци на некоја болест или тешкотии. Тоа го препуштам на совеста на оние кои ги шират таквите шпекулации, и покрај секојдневната можност да се уверат кој и како изгледа“, вели Лавров во интервјуто за француската телевизија.