Лазански: Уривањето на авионот Киев го користи за да добие статус жртва

Трагедијата со малезискиот „Боинг 777“ привлекува бројни дилеми и барем две основни прашања, воено-техничкото и политичко-пропагандното. Доколку авионот летал и е урнат на височина од 10.000 метри, тогаш е соборен со ракета земја-воздух, со каква проруските бунтовници на исток на Украина не располагаат, барем не со функционален ракетен ПВО систем од тој вид, пишува воениот аналитичар Мирослав Лазански, за „Политика“.

Киев побрза да соопшти дека „Боингот 777“ е урнат со системот „БУК“, кој што го немаат, поради што тоа треба да значи дека авионот го урнале припадници на руската ПВО. Со оглед на тоа што авионот падна на околу 60 километри од руската граница, тоа значи дека руски војници со ракетниот систем „БУК“ влегле на територија на Украина и го урнале патничкиот авион, во кој што имаше и британски и американски државјани. Според него за нова фаза на медиумска и политичка сатанизација, Русија е добра подлога и одлична приказна.

Малезискиот авион се нашол во воздушен простор, кој што пред неколку дена Киев, токму поради воените дејства во тој регион, го затвори за цивилни летови, но не и за оние над 8.000 метри. Рускиот радарски систем во рамките на ПВО ги регистрира сите авиони на таа висина, особено патничките кои летаат по цивилните коридори, а кои впрочем и редовно се пријавуваат на руската контрола за лет. Од тука произлегува дека руската контрола за летање била запознаена, дека станува збор за малезиски цивилен патнички авион.

Која било екипа на радарскиот систем „БУК“ дали руска или украинска на својот набљудувачко-аквизициски радар можела да го забележи радарскиот одраз на патничкиот „Боинг 777, кој компјутерот не може да го измеша со радарски одраз на воено-транспортниот „антонов“ или „иљушин“, па подоцна да се каже дека станува збор за грешка.

Тука се и податоците за брзината на воено транспортните и цивилните патнички авиони, бидејќи на системот “БУК“ не работат аматери. Освен тоа авионот наводно бил на поголема височина од 10.000 метри, на шеесет километри од руската граница што значи дека ни случајно не се работи за воено летало, кое не се подготвува за слетување, ниту за исфрлање падобрани.

Екипата на системот „БУК“ сето тоа го знаела и била свесна дека станува збор за цивилен патнички авион. Доколку навистина се работи за системот ПВО „БУК “ како што тврди Киев, чиј портпарол од Советот за национална безбедност објави половина час пред уривање на малезискиот авион, дека „терористите на исток на Украина дошле до модерен ПВО систем, со кој ќе гаѓаат цивилни авиони“. Само половина час подоцна „Боиног 777“ се урна.

Инаку украинската војска во источните делови на државата располага со системот„БУК“, а неколку такви системи со украински екипаж и се дадени на Грузија во предвечерјето на руско-грузиската војна во август 2008 година. Со тој систем тогаш е соборен и еден руски стратешки бомбардер, што значи дека украинците имаат солидно знаење за ракување со тоа средство. Воениот аналитичар Лазански смета дека политичкото и пропагандно уривање на малезискиот авион, му одговара на Киев но не и на Москва. Киев сега може да ја користи трагедијата за да го добие статусот жртва, а тоа во секоја граѓанска војна е најисплатливиот статус, а за да се дојде до него не се важни животите на недолжните патници. Инаку на Русија ниту во една комбинација не и одговара уривање на цивилен авион, особено не во овој момент кога до некаде успеа да ја одвои ЕУ од САД по прашањето санкции, поради ситуацијата во Украина, вели Лазански.