Лазарини: Нема докази дека вработени во UNRWA учествувале во нападот врз Израел

Шефот на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA), Филип Лазарини, во четвртокот изјави дека нема докази дека некој од вработените во агенцијата учествувал во нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври, велејќи дека таквите обвинувања доаѓаат од израелската влада со цел да ја спречи хуманитарната помош за палестинските цивили.

„Овие обвинувања вербално ги примив на 18-ми јануари и ме згрозија. Веднаш отпуштивме дванаесет вработени додека трае истрагата. Но, оттогаш до денеска, ниту еден доказ, освен тоа вербално обвинување од Израел, не ни е доставен“, рече Лазарини на прес-конференција во Мадрид.

Во шпанската престолнина Лазарини се сретна со шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Луис Албарес, чија земја тројно ја зголеми редовната помош за UNRWA на 3,5 милиони евра, а потоа во четвртокот одлучи да придонесе со уште 20 милиони евра. Овие дополнителни пари се наменети за здравство и образование на 500.000 палестински деца во егзил во Појасот Газа и околните територии.

Со оваа донација Шпанија се обидува да ги мотивира другите земји да продолжат со исплатите откако 16 земји предводени од САД под влијание на обвинувањата од Израел ги замрзнаа донациите во вкупен износ од 450 милиони евра.

„Се наоѓаме под притисок, настојуваат да нѐ демонтираат. Израел порача дека ние не би требало да бидеме тука. Тоа е политичко барање да бидеме згаснати. Таму сме присутни 75 години, а сега нѐ обвинуваат за такво нешто“, додаде Лазарини.

Лазарини рече дека 12 од 30.000 вработени во UNRWA обвинети од Израел за вмешаност во смртоносниот напад на 7-ми октомври биле истражувани во седиштето на ОН во Њујорк, но дека не се пронајдени докази против нив или агенцијата.

„Истовремено, тие ги напаѓаат засолништата на ОН за палестинските бегалци“, истакна тој и побара меѓународна истрага за убиените вработени во ОН.

„Никогаш не сме виделе толку многу деца, здравствени работници и новинари убиени во конфликт, за толку кратко време“, рече Лазарини.

Го обвини Израел за долготрајната опсада на Појасот Газа, која ги остави „децата дехидрирани и изнемоштени“.

Шпанскиот министер Алабрес рече дека помошта фрлана од авиони е „капка во океанот“ од она што им е навистина неопходно на Палестинците. Тој го осуди убиството на цивилите кои чекаат храна и рече дека Израел „мора да го отвори копнениот пристап до Појасот Газа“.

„Убиени се над 30.000 палестински цивили. Тоа е најголемата катастрофа на Блискиот исток“, рече шефот на шпанската дипломатија, повикувајќи на траен прекин на огнот.

Албарес повтори дека единственото решение за конфликтот е решението со две независни и суверени соседни држави, што ќе вклучува меѓународно признавање на Палестина. Мадрид со месеци се залага за одржување на меѓународна мировна конференција од која Израел и Палестина ќе излезат како меѓусебно признати држави. Владата на Израел се противи на овој план.

„Добивме поддршка од 90 земји да организираме ваква конференција“, рече Албарес.

Меѓу земјите што ја поддржуваат е и Белгија, која во моментов претседава со Европската унија, но некои земји како Германија се противат на иницијативата.