
Стегна заби и покрај болката која го пратеше во текот на мечот, Кирил Лазаров го испиша своето најзначајно поглавје во кариерата.
Успеа да ја освои Лигата на шампионите во ракомет и убаво беше да се види македонското знаме и на теренот и на трибините, па и околу вратот на Лазаров при изјавите.
“Чувството е неописиво. Конечно го остварив сонот за кој играв цела кариера и поминав позитивни и помалку позитивни моменти, но секогаш верував дека ќе дојде овој ден. Сега кога дојдов до првиот трофеј, апетитите ќе пораснат. Мислам дека игравме многу зрело, како вечерва, така и цела сезона, во групната фаза и во елиминациите. Имав пех на почетокот од мечот, почувствував болка во листот од десната нога, се обидов да се вратам, и стручниот штаб инсистираше, но болката беше посилна. Но како што реков и вчера ние сме тим, еден ден ќе блесне еден, друг ден друг ракометар, важен е колективот”, изјави најдобриот македонски ракометар.