Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров изрази незадоволство од правецот во кој се движи во македонскиот ракомет, но заедно со остатокот од репрезентацијата „молчи за мир во куќата“. Ова е дел од изјава што нашиот капитен ја даде за порталот „Балкан хендбол“.
„Досега имаме три порази, едно реми и една победа „на туркање“. Примарната цел е исполнета, но е далеку од нашите очекувања, иако сите се правиме задоволни поради ’мир во куќата’. Не ми се допаѓа таквиот пристап, тоа во иднина може скапо да не чини. Лошите работи, засега, ги прикриваме мајсторски“, вели Лазаров за „Балкан хендбол”.
Македонскиот бомбардер овојпат беше многу подиректен во анализата, потенцирајќи дека Македонија не добила ништо со настапите на Немања Прибак на овој шампионат.
„Натурализација? Ние без натурализација стигнавме до вториот круг играјќи со срце. Во вториот круг се уште ништо не направивме. Играчите не се согласуваат со тоа, но системот е таков каков што е, па мора да се молчи и да се мрмори во себе. Не се наоѓаме на вистинскиот пат. Да даде Бод да не сум во право“ , додава Лазаров.
Оваа изјава капитенот ја даде по критиките кои ги упати Бранислав Ангеловски, кој за тоа беше и отстранет од репрезентацијата. Македонија со денешниот меч од 16 часот против Шпанија ќе го заврши настапот на ЕП.