Лазаров: Мора да се заслужи настап за репрезентација

Во првиот контролен меч во подготвителниот период за Европското првенство, во Маврово во понеделникот вечерта беше совладан Кувајт со 31:21, во натпревар кој понуди еднаков прв дел, но и моќна Македонија во продолжението.

По победата своето мислење го изнесе селекторот Кирил Лазаров.

„Среќен сум не затоа што победивме со десет гола, туку бидејќи пред натпреварот им укажав на играчите дека стартуваме без девет стандардни репрезентативци. Задоволен сум, успеав да ги уверам дека кога се сака се може. Ме радува тоа што првиот дел игравме егал, а потоа во вториот дел кога го засиливме ритамот се одлепивме и убедливо поведовме. Не ми е толку важен резултатот, колку пристапот на ракометарите. Тоа што го договаравме и го спроведовме. Сметам дека за играчите ова е поттик за подготовките да работиме уште понапорно. Треба да ги задржиме добрите, а отстаниме негативните работи и да напредуваме. Не може да не понесе еуфорија, цврсто стоиме на земја и знаеме што не очекува. Не можеме да ги споредиме Кувајт со Словенија , Црна Гора и Данска ,тоа се два различни света. Знаев дека ќе одиграме квалитетно и со голем жар, бидејќи го увидов тоа во тренинзите“, смета Лазаров.

Не можеше да се избегне и прашањето за помладите, кои против Кувајт добија шанса во голем број. Селекторот одново истакна дека Македонија е во процес на смена на генерации, ама нагласи дека секој што ќе заигра мора да ги заслужи минутите.

„Различно е да играш во клуб и национален тим. Тука нема време за одмор и има краток интервал до следниот меч. Имаме промена на генерации, мора да им давате шанса на помладите. Среќен сум што голем дел од нив ја користат шансата. Ова за нив е голем поттик да се борат за националниот дрес. Сакам тоа што го загубивме да се врати, да мора да се заслужи настап за репрезентација. Повик е повик, меѓутоа настап на официјален меч мора да се заслужи. Повик може да добие секој за да му дадете шанса, ама настап на натпревар особено на голем собир е нешто друго. Сакам младите играчи да ги натераме да се борат во сопствените клубови да не уверат дека треба да играат за Македонија“, заврши селекторот.