Издвојување на дел од добивката на обложувалниците за спортот, ограниченото ослободување од данок на добивка на компаниите коишто ќе финансираат спортски клубови, спортисти, спортски федерации, но и врвни тренери од странство во спортските академии во Македонија се дел од владините спортски мерки кои стапија на сила на 1-ви јануари.
Дали овие мерки можат да поттикнат позитивни спортски резултати? На оваа тема зборуваше Кире Лазаров во ОКО на ТВ НОВА.
„Со новиот закон за спорт мислам дека спортот ќе се издигне на уште повисоко ниво, тоа можеби требаше уште порано да се направи, но никогаш не е доцна. Со овие мерки клубовите ќе добијат свои поддржувачи и тоа е многу важно за развивање и на други центри, не само во Скопје“, истакна Лазаров.
Додаде дека моментално во Македонија имаме два квалитетни ракометни клуба – Вардар и Металург, додека другите центри полека се будат. Важни се клубовите, вели, но важна е националната селекција.