Лазаров: Очекувам тврд и тежок натпревар, фаворитската улога ја има Силкеборг

Мислам дека јавноста ќе види еден добар, модерен, квалитетен ракомет, со многу трчање и еве ја поканувам да дојде и да ги поддржи нашите млади македонски играчи во овој европски поход. Очекувам тврд и тежок натпревар. Фавортиската улога ја препуштам на Силкеборг, кажа предводникот на „Фармацевтите“

Македонскиот ракометен вицешампион, Алкалоид, во натпреварот од 3. коло од Европската лига,  на домашен трен вечерва (18.45) го пречкува данскиот Бјерингбро Силкеборг. По стартниот пораз од Војводина и ремито со Ла Риоха, избраниците на тренерот Кирил Лазаровсега ќе бидат пред нов предизвик, а фаворитската улога секако дека ќе ја имаат гостите. Ова не значи дека „фармацевтите“ нема да се борат за триумф пред домашните навивачи.

„Името на противникот и државата од која доаѓа, ни кажува за квалитетот. Данска екипа која со години изборува пласман во Европа преку нивната лига која од година во година е се посилна. Инвестициите кои ги направија оваа сезона, со купувањето на нивниот најдобар играч покрај Хансен, Расмус Лауге, кој беше член и капитен на Веспрем, кажува дека ќе имаме сериозен противник. Мора да сме на високо ниво за да сме конкурентни со нашата млада и недоволно искусна екипа во европски рамки. Се надевам дека ќе играме опуштено и квалитетно. Добро се подготвивме во овие неколку дена, па се надевам квалитетно ќе одговориме“, изјави Лазаров.

Едно е јасно, натпреварот ќе биде брз и модерен, со многу полетни ракометари на теренот, а фаворитскиот притисок Лазаров го препушта на гостите од Данска.

„Мислам дека јавноста ќе види еден добар, модерен, квалитетен ракомет, со многу трчање и еве ја поканувам да дојде и да ги поддржи нашите млади македонски играчи во овој европски поход. Очекувам тврд и тежок натпревар. Фавортиската улога ја препуштам на Силкеборг, тоа е реалноста, тие самите најавија дека се фаворити, ние ќе чекаме да ни се укаже шанса, ќе пробаме да дојдеме со една квалитетна игра до позитивен резултат доколку ни се овозможи тоа“, додаде предводникот на Алкалоид.

Алкалоид во првото коло од ова европско натпреварување на домашен терен загуби од Воводина, а во второто ремизираше на гостински терен со Ла Риоха.