Лазаров од „Никоб“, кој заработи изминатите години десетици милиони евра, имал чувство на стагнација и назадување

За првиот човек на македонско-бугарската стопанска комора, Кирил Лазаров, единствениот и засега најлесен пат до решението меѓу Македонија и Бугарија е економијата и, меѓу другото, во разговорот за Локално вели дека зборувајќи за историјата добивал чувство на стагнација, назадување, и отсуство на визија за иднината

Зборувајќи за претстојната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, и коментирајќи ја изјавата на новиот челник на СДСМ и мандатар, Димитар Ковачевски, Лазаров вели дека историјата не може да биде единствена тема на разговор меѓу Бугарија и Македонија, односно дека треба да се разговара и за иднината преточена во инвестициски и инфраструктурни проекти, во економска и културна.

„Денес живееме во еден од најдинамичните периоди на современата глобализација и истата се темели на брзи економски текови, дигитализација, зелена енергија, размена на знаења, иновации, образование и современи технологии. Кога морам да зборам за историјата, лично јас, но и генерално мојата генерација на бизнисмени, имам чувство на назадување, на стагнација и отсуство на визија за иднината“, вели сопственикот на „Никоб“ во интервју за порталот Локално.мк.

Оттаму, се наметнува прашањето како фирмите на овој струмички бизнисмен успеаа да напредуваат толку многу во изминатиов период, во кој токму најмногу по вина на нему блиските лица од владејачката СДСМ како главни во дијалогот меѓу Скопје и Софија се наметна политичко-историската тема. Таа тема, пак, на Лазаров му давала „…чувство на назадување, на стагнација и отсуство на визија за иднината…“, но воопшто не му пречела за неколку години да добие владини тендери во износ од десетици милиони евра.

НетПрес неодамна пишуваше дека неговата компанија „Никоб“, препознатлива како фирма специјализирана за физичко обезбедување, во изминатите три години започнала со делување и во други сектори.

И во истиот период, покрај влезот во здравствениот бизнис, фирмите на Лазаров добиваат лиценци и за влез во електроенергетскиот бизнис, како и во производството на марихуана, потоа тој се шири во земјоделството, нешто што за три години не им успева ниту на големите ивнестициски фондови. Како формула за успех се смета работата со државните институции, под закрила на тесните односи со донеодамнешниот премиер Зоран Заев, по игра на случајноста сограѓанин на Лазаров.