Лазаров откри зошто го избрал бројот седум

Македонскиот репрезентативец и ракометар на француски Нант, во интервју за „Марили“ открива какво значење има бројот „7“ што го носи на неговиот дрес.

-Бев фан на кошаркарот Тони Кукоч кој носеше број 7. Пред да почнам со ракомет играв кошарка. Кога почнав со ракометот, еден од моите тренери, покрај татко ми, исто така, носеше број 7 како играч и беше левучар. Како дете мислев дека ако си левучар треба да носиш број 7 по примерите на Кукоч и тренерот Ике Јанев од Свети Николе. Така се одлучив и се заљубив во овој број и до денес сите ме поистоветуваат со седумката, вели Лазаров во интервјуто за „Марили“.

Лазаров, кој има 40 години, се уште е активен во ракометот. По однос на неговите планови откако ќе ја заврши кариерата, македонскиот број еден ракометар, вели дека не планира да се откаже од овој спорт.

-Велат дека годините се само бројка, а јас така и се чувствувам. Благодарен сум му на Бога што во кариерата немав некои посериозни повреди. Мислам дека посветеноста во тренажниот процес ми овозможи да можам да играм на високо ниво на оваа возраст. Присутноста на теренот ме прави среќен и сигурен затоа што можам да донесувам одговорни одлуки на самиот терен на натпреварот. По кариерата останувам во спортот, тоа е мојата професија каде што најмногу можам да дадам и да им пренесам знаење и искуство на помладите генерации. Горд сум што се чувствувам среќен на терените и со 40 години, каде што не се срамам што сум таму, напротив, јас сум додадена вредност во клубот и во репрезентацијата каде што настапувам, нагласува македонскиот ракометен капитен.

Целото интервју може да го прочитате ТУКА.