Лажен Виталиј Кличко разговарал со градоначалниците на Берлин, Мадрид и Виена

Градоначалниците на Берлин, Мадрид и Виена биле сигурни дека преку видео повик разговараат со првиот човек на Киев, Виталиј Кличко, но набрзо сфатиле дека се измамени.

Градоначалничката на Берлин, Франциска Гифеј, имаше однапред закажано видео интервју со личност за која рече дека изгледа и звучи како Кличко преку платформата Webex.

„Немаше знаци дека видео-конференцијата не била одржана со вистинска личност“, се вели во соопштението од нејзината канцеларија.

Дури по петнаесет минути, наводниот градоначалник на Киев од другата страна на линијата почна да зборува за проблемот со украинските бегалци кои ја мамат германската држава и се чинеше дека тој ги повикува бегалците да се вратат во Украина на воена служба. Тогаш разговорот за градоначалничката на Берлин станал сомнителен.

Кога врската накратко била прекината, канцеларијата на градоначалникот стапила во контакт со украинскиот амбасадор во Германија, кој преку властите во Киев потврдил дека личноста во видеоповикот не е вистинскиот Кличко, пишува магазинот „Шпигел“.

„Изгледа дека имаме работа со дипфејк“, велат од канцеларијата на Франциска Гифеј.

Дипфејките се лажни видеа кои се создаваат кога технологијата ќе научи да ве имитира. Користи вештачка интелигенција за замена или дигитално менување на лице.

„За жал, реалноста е дека војната се води со сите средства, вклучувајќи го и интернетот. Сѐ со цел со дигитални средства да се поткопа довербата и да се дискредитираат партнерите и сојузниците на Украина“, рече Гифеј.

„Гардијан“ додава дека и канцеларијата на градоначалникот на Мадрид поднела пријава во полиција поради лице кое во видео разговор со Хозе Луис Мартинез Алмеида лажно се претставува како Кличко.

Градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, во средата објави на Твитер дека имал видео повик со Кличко – твитот е избришан во саботата. Набргу потоа, на официјалната веб-страница на австриската престолнина беше објавено соопштение дека Лудвиг се чини дека е жртва на „сериозен случај на сајбер криминал“.