„Лажговци“ – премиера на Прилепскиот театар за 70-годишниот јубилеј 

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Лажговци“ од Антони Нелсон во режија на Коле Ангеловски, со што почнува одбележувањето на 70-годишнината од неговото постоење и воедно Неделата на театарот.

Според Ангеловски, „Лажговци“ е поинаква од досегашните комедии што ги работел во театарот и  е негова 36-та претстава со ансамблот.

– Оваа е друг тип комедија, црна комедија. Дејството на приказната се случува ден пред Нова година. Двајца полицајци од Нова година заминуваат во пензија, треба да дојдат кај стара брачна двојка и да ѝ соопштат многу лоша вест – нивната ќерка загинала во сообраќајна несреќа кога доаѓала кај нив. Но, кој од нив да ѕвони, да ја соопшти трагичната вест. Оттука почнува приказната. Ситуациите и хуморот (црниот хумор) се темелат на недоразбирање во трагична ситуација и се преплетуваат лаги, измислици, недоразбирања. Ова е почудна комедија, досега, рече Ангеловски.

Претставата ја води најстарата генерација актери во театарот, некако симболично за големиот јубилеј на театарот – 70 години постоење. Сметаат дека е неповторливо искуството од работата со Ангеловски.

-Посебно е задоволството да се работи со Ангеловски кој е наш „цар за комедиите“. Се надевам дека и оваа претстава ќе ја гледа многу публика, зашто претставата „Од кол на кол“ има 115 изведби и 11 години е на репертоарот, рече актерката Виолета Чакарова.

– Јас сум од помладата генерација актери, но, би рекла, почнав со претставите на Коле Ангеловски. Посебно е чувството кога се изгра со повозрасните генерации актери во театарот, истакна актерката Јасмина Мицовска-Станкоска.

Според раководителот на театарот Стојан Дамчески, заемен е договорот со режисерот токму претставата „Лажговци“ да биде за одбележувањето на јубилејот.

-Иако претставата  првично требаше да биде во декември, според сплетот на околностите, а и со заеднички договор, решивме да биде почеток на одбележувањето на 70-годишниот јубилеј. Освен тоа, ова е 36-та премиера на Ангеловкси кој со години соработува успешно со Прилепскиот театар, рече Дамчески.

Режијата, преводот на текстот и адаптацијата се на Коле Ангеловски, сценографијата и костимите на Илина Ангеловска, а музиката е на Томе Темелкоски. Во претставата играат: Марјан Чакмакоски, Андон Јованоски, Виолета Чакарова, Цветанка Чавлеска, Трајче Иваноски, Најдо Тодески, Јасмина Мицовска-Станкоска.

Вечер во фоајето од театарот „Војдан Чернодрински“ пред премиерата ќе биде отворена изложба на фотографии од наградени претстави и актери, плакати од успешни меѓународни гостувања, а изложени се бројните статуетки, плакети, награди што ги добил театарот низ годините.

Со премиерата на „Лажговци“ почнува одбележувањето на јубилејот на театарот, а и Неделата на театарот. Секојдневно до недела, 17 февруари, ќе се прикажува по една претстава.